Инстант – плаќањата во фокусот, дводневна работилница на Народната банка со платежната заедница


Screenshot

Народната банка во соработка со Светската банка одржаа работилница за банките и другите даватели на платежни услуги и релевантните државни институции во земјава, посветена на воведувањето на инстант-плаќањата засновани на платформата на клонот на ТИПС. Работилницата е дел од постојаните активности на Народната банка за подготовка на целата платежна заедница во земјава за воспоставување на националниот систем за инстант-плаќања и за обезбедување навремена координација на сите учесници во веќе започнатиот процес на приклучување кон регионалната платформа што ја развива Банката на Италија за земјите од Западен Балкан, се наведува во денешното соопштение на Народна банка на Република Северна Македонија.

– Во услови на забрзана дигитализација на финансиските услуги и сѐ поголеми очекувања за брзи, едноставни и лесно достапни плаќања, модернизацијата на платежната инфраструктура во земјава претставува основен предуслов за развивање поефикасен, поконкурентен и поиновативен платежен пазар – истакнала директорката на Дирекцијата за платни системи при Народната банка, Биљана Доновска – Гечева.

Воспоставувањето национален систем за инстант-плаќања е еден од стратегиските проекти на Народната банка и како што се истакнува, претставува важен чекор кон понатамошна модернизација на платниот систем во земјава.

– Проектот е дел од пошироките регионални иницијативи за унапредување на платежната инфраструктура и за нејзино постепено усогласување со европските стандарди и практики. Со неговото остварување ќе се создадат услови за развивање нови дигитални платежни услуги и за понатамошно унапредување на условите за користење за граѓаните, компаниите и за институциите – се потенцира во соопштението.

Во рамките на работилницата биле претставени концептот и функционалностите на платформата на клонот на ТИПС, правилата за учество и приклучување, искуствата од други земји, како и очекуваните активности на давателите на платежни услуги во процесот на спроведување. Посебно внимание било посветено на техничката и на оперативната подготвеност на учесниците, во рамките на процесот приклучување кон платформата на клонот на ТИПС.

Со воведувањето на инстант-плаќањата се очекува да се овозможат побрзи, подостапни и поефикасни плаќања за граѓаните и за компаниите, 24 часа дневно, седум дена во неделата, што ќе придонесе за понатамошна дигитализација на финансиските услуги и за зајакнување на конкурентноста на домашниот платежен пазар.

– Работилницата претставуваше можност за размена на искуства и мислења, разгледување на предизвиците и можностите што ги носи овој процес, како и за координација на активностите на сите засегнати страни во пресрет на очекуваното пуштање во употреба на системот – се додава во соопштението.