Иницијатива на 12.000 родители да запре обврската за носењето маски кај децата
Иницијативата „СТОП за носењето маски во училиштата“, која обединува 12.000 родители, се повика на поддршка од голем број доктори кои јавно зборуваат за долгорочните штетни последици од носењето маски.
-Претседателката на Здружението на приватни матични лекари, д-р Лилија Чолакова Дервишова, алармира за зголемени психолошки, социолошки, имунолошки, респираторни и дерматолошки последици.
„Децата светот го осознаваат преку изразите на лицето, комуницирањето и размената на чуствства, а сето ова не е можно да се оствари преку маска со што веќе се гледа зголемена анкциозност кај децата.“ – вели таа.
„Последната година се забележува и зголемување на панични напади, опсесивни застрашувачки мисли и опсесивни –компулсивни нарушувања кај се помлада популација“.- вели Ана Чучкова, психолог, психотерапевт и професор на факултет.
Докторите се децидни дека децата не се подложни на тешка клиничка слика на Ковид-19. Според доктор Софијанова минатата година има регистрирано 500 случаи на ковид помеѓу децата, додека од почетокот на пандемијата нема ниту еден смртен случај. Според доктор Ангелчо Андоновски, специјалист педијатар, бројот на хоспитализации на деца секаде низ светот, не само кај нас е многу мал и место за паника нема.
Маските кај најмалите ученици сметам дека се не функционални и се непотребни.“ – вели тој. Долготрајно носење маски и вдишување на она што го издишуваме, ги зголемува шансите од горнореспираторни инфекции од бактериите кои децата ги носат, сметаат докторите.
Микробиологот и професор д-р Никола Пановски и епидемиологот Драган Даниловски исто така сметаат дека децата треба да тргнат на училиште без маски. Д-р Нико Беќаровски од Клиниката за токсикологија смета дека „барем за основците има резон да се размисли и да се овозможи родителите да одлучат или да се укине носењето“.
Од Иницијативата е доставено барање до властите за укинување на задолжителното носење маски во училиштата. Родителите се категорични во намерата дека со почеток на второто полугодие, нема да ги пуштаат децата со маски на училиште, стои во соопштението на иницијативата.