Индиската претседателка ни подари биста на Ганди, најави соработка во традиционалната медицина и многу бизниси
Сиљановска зборуваше повеќе со јазикот на историјата и вредностите, гостинката ги наброја концизно областите во кои Индија има интерес да соработува
Шефицата на државата Гордана Сиљановска-Давкова блесна денес на средбата со претседателката на Индија, Друпади Мурму, набројувајќи ги сите Индијци што оставиле историска или духовна трага, портретирајќи го Таџ Махал како безвременска убавина, Индија како земја на неверојатно културно наследство, како земја на мудрост, но и на иновација и како земја пријател со која сме имале поранешна заедничка историја – преку Неврзаните и делењето на заедничките вредности за еднаквост, солидарност и траен мир.
Инспирирана од таа слика за земјата од „Хималаите до Индискиот Океан“ таа порача дека нашата географска положба ни овозможува да водиме „повеќедимензионална надворешна политика“, со желба оваа прва историска посета на индиски претседател на Македонија да биде основа за подобри билатерални политички и економски односи во иднина.
Додека таа зборуваше повеќе со јазикот на историјата и вредностите, гостинката ги наброја концизно областите во кои Индија има интерес да соработува, најавувајќи притоа обука за вештачка интелигенција за наши граѓани, повеќе соработка во туризмот, угостителството, во фармацијата, преработката на храна, земјоделството и аудиовизуелните уметности.

„Сакаме да промовираме подобра трговија и бизниси“, рече индиската претседателка, прецизирајќи дека намерата е двојно да се зголеми билатералната трговија од таа што ја имаме сега (а која изнесува 133 милиони долари) или, како што рече Сиљановска – да стигне до 500 милиони. Мурму наброја и три глобални иницијативи на Индија за која добила потврда од Сиљановска дека ќе се приклучиме на Меѓународната соларна алијанса, Алијансата за катастрофи на инфраструктурат аи Алијансата за биогоривата, како и промоција на традиционалната медицина, без да прецизира дали тоа се однесува само на таа од Индија.
Во делот на симболиката таа најави дека со себе носи подарок од индискиот за македонскиот народ – биста на Махатма Ганди која свечено ќе биде поставена за време на нејзината посета. Ниту едната ниту другата не ја споменаа лошата историја со Субрата Рој, а прашања за новинарите не беа предвидени на прес-конференцијата.
Сиљановска, објаснувајќи го интересот на Македонија за соработка, рече дека Индија не е само една од најголемите држави во светот туку и една од најбрзорастечките економии, како и земја со силен глас на меѓународно ниво.
„Нашите народи се познаваа како дел од поранешна Југославија преку Дижењето на неврзаните чии принципи за рамноправност, солидарност и траен мир се исто толку важни и денес. Светата Мајка Тереза која стана универзален симбол за човечноста, преставува духовен мост меѓу нашите два народа“, рече Сиљановска. Па, констатираше дека контактите меѓу двете влади во иднина треба да бидат почести и поструктуирани, бидејќи дошло време меѓусебното економско партнерство да го достигне нивото на политичките односи. Тоа што двете земји преговараат за бројни договори, рече таа, е доказ за силната институционална волја да се случи тоа.
Таа го поздрави и поактивното присуство на Индија во Западен Балкан и изрази увереност дека Македонија има што плус да понуди на Индија освен добрата географска положба, по што ги наброја политичката стабилност, квалификувана работна сила, конкурентната економија, развојот на инфраструктурните коридори и олеснетиот пристап до европскиот пазар како одлични можности за индиските бизниси и инвеститори, со додавка дека Македонија не е само географска крстосница – туку и земја на идеи, иновации и можности.

„Имаме импресивен спектар на можности што можат да се претворат во конкретни проекти“ , оцени Сиљановска, продавајќи успешна економска приказна за Македонија пред македонско-индискиот форум закажан за попладне.
Таа ја фалеше како туристички потенцијал и македонската „недопрена природа“ и статусот на „заштитено културно богатство на УНЕСКО“, нешта што токму деновиве се оспорува. Освен поддршката за глобалните иницијативи на Индија за соларната енергија и биогоривата, таа се заложи и за реформа на ОН која ќе доведе до порепрезентативен Совет за безбедност.
Двете претседателки разменија мислења и за актуелните глобални состојби, при што ја подвлекоа заедничката потреба за доследно почитување на меѓународното право и мирно решавање на сите меѓународни спорови. На крајот Сиљановска порача дека едвај чека нова посета на индиската претседателка и дека со задоволство прифатила и таа да ја посети Индија.

„Со огромна чест ја пречекав Друпади Мурму, прв претседател на Република Индија кој престојува во официјална посета на македонската држава. Разговаравме за македонско-индиските односи, со акцент на можностите за соработка во економијата, образованието, науката, културата, туризмот, здравството и дигиталната трансформација. Заедничкото хумано наследство на света Мајка Тереза, како и искуството од Движењето на неврзаните, се цврсти темели на новата ера во македонско-индиските односи“, напиша по средбата на Фејсбук претседателката Сиљановска.
Претседателката Сиљановска Давкова и претседателката Мурму утре ќе се упатат кон Охрид, каде што ќе го посетат манастирскиот комплекс „Свети Наум“, како и манастири и цркви во стариот град на Охрид.
Индиската претседателка за време на денешната прес конференција доби и личен комплимент од домаќинката Сиљаноцвска. Таа порача дека покажала „дека највисоките функции се заслужуваат со карактер, а не со привилегии“, асоцирајќи на нејзината биографија која е исполнета со висини, но и со тешки лични удари. Мурму е првата жена од индиските домородни племиња што стигна до највисоката државна функција во Индија и која во политичкиот подвиг најде утеха за семејните трагедии.
Мурму е родена во 1958 година во сиромашното село Упарбеда, во индиската држава Одиша. Потекнува од племето Сантал, едно од најголемите домородни племиња во Индија. Пред да влезе во политиката работела како службеничка во државната администрација, а потоа и како наставничка, професија што и денес ја споменува како една од најважните во животот. Во локалната политика влегла во 1997 година, а постепено се издигнала до министерка во владата на Одиша, гувернерка на Џарканд и, конечно, претседателка на Индија во 2022 година.
Но, токму во периодот кога нејзината политичка кариера се соочувала со застој, животот ѝ приредил удари што би скршиле речиси секого. Постариот син, Лакшман Мурму, починал во октомври 2009 година под неразјаснети (мистериозни) околности. Вечерта претходно бил на вечера со пријатели, а следното утро бил пронајден во бессознание во креветот. Бил пренесен во болница, но лекарите само констатирале смрт. Според тогашната полициска истрага, постоело сомневање дека можеби паднал од мотоцикл и претрпел внатрешна повреда на главата, но не биле пронајдени надворешни повреди и случајот никогаш не бил целосно разјаснет. Помладиот син, Сипун Мурму, загинал во сообраќајна несреќа во 2012 година.

Како трагедијата да не била доволна, во 2014 година од срцев удар починал и нејзиниот сопруг Шјам Чаран Мурму, банкар по професија. Во период од само неколку години Драупади Мурму останала без двата сина и без животниот сопатник. Единствено нејзината ќерка Итишри останала покрај неа. Подоцна Мурму јавно призна дека по сите тие трагедии паднала во длабока психолошка криза, но наместо целосно да се повлече од јавниот живот, спас побарала во духовноста. Станала активна во духовното движење „Брама Кумарис“, каде што, научила да ги прифати загубите и повторно да пронајде внатрешен мир. Духовната дисциплина, медитацијата и секојдневната молитва станале дел од нејзиниот живот.
Токму духовноста, според неа, ја вратила и во политиката. Наместо да се затвори во себе, прифатила нови јавни должности. Во 2015 година беше именувана за гувернерка на Џарканд, станувајќи првата жена на таа функција во оваа индиска држава. Мандатот го заврши со репутација на умерен и внимателен политичар, кој често инсистира на почитување на правата на домородните заедници.Кога владејачката коалиција ја предложи за претседателски кандидат во 2022 година, многумина во Индија го оценија изборот како историски.
По преземањето на функцијата, Мурму остана препознатлива по скромниот стил. Иако е на чело на најнаселената држава во светот, ретко користи остар политички речник.