Илиевски: Бесплатен градски превоз во зима во Куманово
Оливер Илиевски, кандидатот на СДСМ за градоначалник на Куманово, најави дека во зимскиот период, кога има големо загадување, ќе обезбеди бесплатен превоз за сите граѓани во декември, јануари и февруари. За пензионерите дополнително ќе има определени денови од неделата, кога ќе се возат бесплатно. Целта е да се намали движењето на возилата, да се натераат превозниците да купуваат што е можно поеколошки автобуси за да ја зачуваат животната средина и воздухот да биде почист.
Илиевски исто така најави дека Општина Куманово ќе плаќа полагање за возачки испит за 1.000 млади луѓе кои наполниле 18 години, како дел од пристапите за субвенционирање на младите.
„Субвенциите опфаќаат полагање на припремни тестови за едукативно усовршување на знаењето за сообраќајот и сообраќајните правила и прописи на младите, изработени од сообраќајни експерти“- рече Илиевски. Илиевски истакна дека со ваквите конкретни мерки младите ќе се задржат во Куманово.