Ибраим Џемаил – Скарабеус е добитник на „Стојан Христов“ на СВП за 2026
Поетската книга „Патешествие низ времиња“ од Ибраим Џемаил – Скарабеус е добитник на наградата „Стојан Христов“ за 2026 година, која ја доделуваат Струшките вечери на поезијата и Агенцијата за иселеништво. Одлуката ја донесе жири-комисијата во состав Иван Шопов – претседател и Славе Ѓорѓо Димоски и Никола Ѓелинчески членови, по разгледување на пристигнатите седум поетски збирки од македонски иселеници.

„Патешествие низ времиња е збирка што се движи меѓу личното искуство, сеќавањето и чувството на припадност. Во неа се препознава авторската потреба да се зачуваат миговите, местата и луѓето што оставиле трага во животот на поетот. Особено впечатлива е постојаната врска со Македонија која се јавува не само како географски простор туку и како духовна точка на враќање. Песните се градени врз богата сликовитост и симболички претстави, а мотивите на патувањата и корените се провлекуваат низ целата книга. Најсилни се оние песни во кои личната емоција останува непосредна и ненаметлива. Збирката опфаќа различни теми – од љубов и забуга до социјални и идентитетски прашања. Понекогаш авторот повеќе се потпира на атмосферата отколку на исказната јасност, но токму тоа и’ дава препознатлив тон на книгата. Станува збор за поезија што произлегува од животното искуство и длабоката потреба тоа искуство да биде споделено. Како целина Патешествие низ времиња нуди искрен и личен поетски запис за човекот меѓу спомените, патувањата и потрагата по дом“, стои во образложението на жири-комисијата.
Ибраим Џемаил е роден на 12 август 1954 година во Скопје.Средно образование завршил во гимназијата “Никола Карев“, а студирал на Педагошката академија “Св.Климент Охридски“ исто така во Скопје.Првата поетска книга „Ноќен Скарабеј“ ја објавил 1980 година, втората „Враќање на корените“ во 2015, а третата „Архаични чувства“ – Arhaikane xačaripe (на македонски и ромски) е објавена во 2018 година.Учесник е на бројни манифестации во Mакедонија и странство.Објавувал во книжевната периодика во Македонија и странство.Од 2016 година е член на Друштвото на писателите во Северна Рајна Вестфалија (NRW).