И сопругот на Данела Арсовска има бугарска лична карта, објави СДСМ


Не само Арсовска, туку и целото нејзино семејство има бугарско државјанство, објави денеска СДСМ, продолжувајжи ја сторијата за „бугарските врски“ на кандидатката за градоначалник на Скопје, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска.

Пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска, објави денеска документи според кои, освен Арсовска, бугарска лична карта има и нејзиниот сопруг Ангел Арсовски. Таа оцени дека Арсовска ја почнала кандидатурата со лаги и дека така ја завршува.

„Ги излажавте скопјани, не сте независна. Целото режимско ВМРО-ДПМНЕ стои зад вас. Очигледно Данела Арсовска долго време има длабоки врски со други држави, Унгарија и Бугарија“, нагласи Петровска.

Таа вчера објави копија од бугарска лична карта, со адреса во Петрич и на име Даниела Арсовска, за која рече дека е на кандидатката за градоначалничка на Скопје, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ. Проверките потоа покажаа дека таа е валидна.

Инаку, Данела Арсовска денес не се појави на прес-конференција и место тоа упати писмена реакција до медиумите во која обвини дека црната кампања на СДСМ го допрела дното инволвирајќи го нејзиното најтесно семејство.

„Толку им гори под нозе што моите политичките ривали се користат со нови
лаги и измами против моето семејство. Срамно е што моето семејство
станува мета на црната кампања. Нападот на моето е напад на секое друго
семејство кое треба да биде и да остане светост за секој човек со морал
и вредности“, порача писмено Арсовска.

На реакцијата возвратија од СДСМ со оценка дека Арсовска бега од директни прашања и од дебати, со што не враќа во времето на медиумскиот мрак на Груевски.

„Ваквата практика на бегање од јавноста, неодговарањето на директни прашања од јавен интерес и арогантниот однос кон новинарите, не враќа во време на режимот на Никола Груевски кога практично беа укинати ТВ-дебатите. Скопје се сеќава на медиумскиот мрак кога Никола Груевски и Коце Трајановски бегаа од дебати за да не одговараат на конкретни прашања за уништувањето на градот со проектот ‘Скопје 2014‚ за кој првично ветуваа дека ќе чини 80, а потрошија околу 700 милиони евра.

Скопје се сеќава на медиумскиот мрак кога студенти беа насилно дислоцирани од плоштадот, кога специјалци влегуваа во А1 телевизија и го штитеа уништувањето на паркови и сечењето дрвја за барокните згради и фасади на Груевски и Коце Трајановски. На Скопје не му треба повторно медиумски мрак и градоначалник кој бега од дебати и ја потценува јавноста“, порачаа од СДСМ.