И Швајцарија не е имуна на корона кризата – најголем пад на БДП од 1975, се повеќе невработени…
Швајцарската економија годинава ќе претрпи најголем пад во последните неколку децении, бидејќи пандемијата на коронавирусот тешко ги погоди производството и работните места, соопшти швајцарската Влада, но исто така истакна дека падот ќе биде помал од очекуваниот и ќе изнесува 6,2 проценти.
Ова е најголем пад на швајцарскиот БДП од 1975 година, кога земјата беше погодена од последиците од нафтената криза. Стапката на невработеност, исто така, се очекува да се искачи на 3,8 проценти, бидејќи страда надворешната трговија, личната потрошувачка се намалува, а компаниите допрва ќе излегуваат од мерките и забраните што им беа наметнати за да се запре ширењето на Ковид-19.
Новата прогноза на Владата, сепак, е подобрена во однос на падот од 6,7 проценти што го прогнозираа швајцарските владини економисти во април и е поповолна од очекувањата за другите европски земји. ОЕЦД предвидува пад од 11,5 проценти за Велика Британија, 11,4 за Франција и 11,3 отсто за Италија.
Швајцарската влада очекува постепено закрепнување во текот на втората половина од годината, доколку не се случи масовен втор бран на болеста, заедно со сериозни ограничувања. За 2021 година се предвидува економски раст од 4,9 проценти, иако невработеноста ќе остане висока според швајцарските стандарди, на 4,1 процент.
Швајцарската Влада на кризата одговори со стимулативен пакет вреден повеќе од 60 милијарди франци, близу 10 проценти од националниот БДП, а над 15 милијарди швајцарски франци за заеми за итни случаи беа распределени на речиси 130.000 компании. Околу 1,9 милиони луѓе или 37 проценти од работната сила се пријавиле за државна помош.
Затворањето на Швајцарија за да се спречи ширењето на коронавирусот беше поблаго отколку во другите земји, додека големиот фармацевтски сектор во земјата остана успешен.