И компаниите во економските зони кај нас ќе бидат погодени од руско – украинската криза

Она што се случува во Украина влијае на целиот процес на активна работа на компаниите кои се таму, но истовремено од логистичка гледна точка, е речиси невозможно да влезат или да излезат репроматеријали


Компаниите кои што работат во технолошко – индустриските економски зони, особено оние од автомобилската индустрија, веќе ги чувствуваат последиците на руско – украинската криза, а стравуваљата се дека ескалацијата на конфликтот може да им нанесе уште поголеми штети. Последиците, сепак, се повеќе индиректни, отколку директни – според сознанијата на надлежните, економска соработка меѓу компаниите од земјава со руските или украинските е мала или незначителна, но не се исклучува таквите економски врски да постојат со компаниите – мајки.

„Руско украинската криза апсолутно има влијание во автомобилската индустрија. Од понеделникот неколку големи производители, пред сѐ Фолксваген,  Шкода, Ауди, БМВ, веќе најавија целосно затворање на нивните производствени процеси не само во Германија, туку и во други локации низ Европа каде што ги произведуваат своите возила, бидејќи дел од компонентите доаѓаат од Украина“, вели Виктор Мизо, директор на „Костал Македонија“ и  претседател на Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство.

Тој додава дека она што се случува во Украина влијае на целиот процес на активна работа на компаниите кои се таму, но истовремено од логистичка гледна точка, е речиси невозможно да влезат или да излезат репроматеријали.

„Во моментов имаме најави од клиенти, а тоа веќе може да се види по медиумите, дека затвораат во период од една до две недели. Колку тоа ќе трае директно ќе зависи од она што ќе се случува во Украина“, истакна Мизо, одговарајќи на новинарски прашања, по панелот на тема „Иницијатива за изработка на нова методологија за државна поддршка за поттикнување на инвестиции“, што се одржа денес во Скопје.

Тој  вели дека треба да се земе предвид и кои се другите индиректни влијанија – цената на енергенсите се зголемува, инфлацијата сакале или не, ќе трае подолго отколку што се очекуваше, а и целата несигурност со вакво воено дејствие ќе влијае врз сентиментот за купување на возила во Западна Европа.

„Истовремено, во оваа ситуација не може да се предвиди што ќе се случува со пазарите на Русија и на Украина, каде што се продаваа над 1,5 милиони возила годишно. Некои компании веќе го прекинаа испорачувањето возила за рускиот пазар“, вели Мизо.

И директорот на Дирекцијата на ТИРЗ, Јован Деспотовски, се согласува дека ризикот постои. Сепак, како што додава, и минатата година компаниите се соочувале со многу ризици, но дека сепак, обемот на производство се зголеми, број на работни места остана стабилен, а платите продолжија да растат, за што придонес имаа и мерките за поддршка на самите компании.

„Очекувам дека ризиците ќе имаат негативни последици, меѓутоа повторно, на крајот на годината во обем ќе имаме раст, не само на извозот, туку и на бројот на работни места и на платите, меѓу другото и заради фактот дека дел нови капацитети кои што почнаа со градба минатата година ќе почнат со производство оваа година, што секако ќе придонесе да се намалат дел од овие ризици и негативни последици за кои немаме големо влијание“, реќе Деспотовски.

Запрашани дали има соработка меѓу компаниите во земјава со компании Русија или Украина, тие рекоа дека од достапните податоци, станува збор за многу мал, односно незначителен сегмент на соработка, така што од тој аспект ризиците се минимални или незначителни. Посредно такви економски релации се можни, на пример ако компоненти произведени тука прво стигнат во Германија или во друга земја, а потоа одат понатаму на рускиот или украинскиот пазар. На пример Рено има фабрика во Русија, БМВ во Калининград, КИА во Украина, Мерцедес во Германија…, така што врската би била индиректна.

Инаку, кризата во Украина доаѓа по и онака лоши услови за автомобилската индустрија, што се гледа и по податокот дека минатата година продажбата на возила во Европа беше најниска откога се води статистика.

„Пред да се случи ова во Украина плановите за оваа година беа дека во Европа растот на производство и продажба на возила ќе биде некаде околу 8 проценти споредено со минатата година што е многу далеку во споредба со 2018 и 2019 година кога бевме на високо ниво. Најголем дел од компаниите од автомобилската индустрија, без разлика дали се тука веќе 10 години или три години, минатата година имаа пад меѓу 20 и 30 проценти од планираното. Но, некои кои се компании во раст пораснале во споредба со 2020 година, но многу помалку отколку планираното, а оваа година гледаме дека веќе ризиците се големи“, истакна Мизо. (М.Ј.)