Хрватска, Словенија, Црна Гора и Албанија имаат постари владини авиони од Македонија
Хрватскиот владин авион е произведен во 1999, словенечкиот во 2003, црногорскиот во 1999. Само Србија има гланц нов „Дасо Фалкон 6Х“
Можеби колегите претседатели на Гордана Сиљановска-Давкова од регионот имале чувство за хумор кога наводно зборувале за македонскиот владин авион или пак самата претседателка посака, како што сама кажа денеска, да ги насмее новинарите.
Сиљановска денеска изнесе неколку неточни податоци за владиниот авион „Лирџет 60“ во дебатата за тоа дали треба да се купи нов поголем воздухоплов. И дали тоа може да биде еден од приоритетите на Владата. Заедно со големите сомневања дека владиниот авион се користел и за приватни патувања.
Што кажа Сиљановска:
„Владиното авионче моите колеги претседатели во регионот го нарекуваат авиончето на браќата Рајт, бидејќи е најмало и најстаро. Јас можам да кажам дека за мене употребата на владиното авионче понекогаш овозможува функционално извршување на државната работа, ама и поевтина од користењето комерцијални летови. Е сега, не е многу пријатно, секогаш имам дилема кога немам друг избор, бидејќи знам дека е старо 25 години, а и купено е на старо“.
Владата во денешното соопштение, во кое демантира дека семејството на премиерот Христијан Мицкоски се возело во воздухопловот, вели дека „службениот авион е стар 20 години“.
Тоа е едната работа. Втората е дека авионот не е купен на старо, туку е нарачан од фабрика во 2004 по трагичната авионска несреќа кога во февруари истата година загина претседателот Борис Трајковски. Владиниот „Лирџет 60“ е произведен во 2004 во Вичита, Канзас, САД, во фабриката на „Бомбардиер аероспејс“ и е во сообраќај од јануари 2005 година. Kупен e во време на владата на Владо Бучковски. Според перформансите, тој е бизнис авион со долет на средни линии, со него регуларно се лета низ Европа и до Блискиот Исток, и има седум седишта. Не е погоден за прекуокеански летови, бидејќи има долет до 4.500 километри.

Третата работа е што владиниот „Лирџет 60“ не е најстар воздухоплов што го користат државните функционери во регионот. Постари од него се и владините авиони на Хрватска, Словенија, Црна Гора и Албанија. Босна и Херцеговина и нема владин авион (но има Република Српска). Само Србија има нов авион.
Владиниот авион на Хрватска е „Челинџер ЦЛ-604“. Произведен е во 1997 и како нов стигна во хрватската флота. Авионот има 12 седишта, максималната брзина му е 840 км/час и има долет од 6.400 километри. Најблиската авионска дистанца меѓу Загреб и Њујорк е 6.900 километри, што значи дека и тој не е погоден за прекуокеански летови. Хрватскиот владин авион се користи и за итни медицински летови за граѓанството. Хрватска порано имаше два владини авиони „Челинџер“, но едниот го продаде по смртта на Фрањо Туѓман.
Владиниот авион на Словенија е „Дасо Фалкон 2000ЕХ“. Тој е произведен 2003 година. Има место за 8-10 патници и има долет до максимум 7.000 километри. Тој е под управување на словенечката војска. За превоз на ВИП-личности Словенија има и три други воздухоплови (од кои едниот за слетување на трева) и со нив управува словенечката војска под стриктни услови.
Црна Гора има владин авион „Лирџет 45“, постар модел од македонскиот. Тој е произведен во 1999 година и според воздухопловните експерти тоа не е стар авион. Може да лета до 3.600 километри и има седишта за осум патници. Владата на Црна Гора има идеја за купување нов авион и одреди буџет од 25 милиони евра. Но воздухопловните експерти не можат да се согласат кој модел да биде тоа: се споменуваат „Цесна“, „Ембраер“, „Дасо“ или „Лирџет“.

Албанската влада го реши проблемот со државен авион со подарок од Турција. Турската национална авиокомпанија „Туркиш ерлајнс“ на крајот на 2025 го префрли сопствеништвото на „Ербас А319-115Ј“ на Албанија. Тој порано беше дел од турската ВИП-флота и сега вреди 11,9 милиони долари. „Ербасот“ е произведен во февруари 2000 година. Тирана го доби авионот како дел од билатерален договор за грант за зајакнување на дипломатските и економските врски меѓу двете земји. Албанската влада почна да го употребува од почетокот на 2026 година. Досега државниот врв и министрите ги користеа авионите на „Ер Албанија“. Премиерот Еди Рама понекогаш леташе со приватни авиони на покуси дестинации што предизвика негодување во јавноста.
Босна и Херцеговина е една од ретките земји што не поседува државен авион и нема државна авиокомпанија. Така, функционерите на БиХ најчесто летаат со комерцијални летови, а во случај на вонредни ситуации, бара помош помош од други земји. Некогаш се користи помошта од „Ер Србија“, а некогаш на „Туркиш ерлајнс“.

Државата Босна и Херцеговина нема авион, но има ентитетот Република Српска. Владата на Република Српска во 2019 година го купи авионот „Цесна ситиејшн ЦЈ4“ за кој плати 9,7 милиони евра. Тоа е воздухоплов од следната геренација на оваа компанија. Има седишта за 10 патници. Неразумното користење на овој авион од функционерите на Република Српска често беше критикувано во јавноста и беа упатени обвинувања дека се користел за приватна употреба.
Српската влада има најмодерен авион во регионалната флота. Во 2023 го купи авионот „Дасо Фалкон 6Х“, еден од најмодерните воздухоплови во неговата класа, чиј прв лет беше во 2021, а почна да се испорачува во 2022. Србија беше еден од првите купувачи на овој авион кој има долет од 13.000 километри. Има место за 16 патници и може да има прекуокеански летови. Авионот слета во Белград во април 2025. Авионот чини 50 милиони евра, а можеби и нешто повеќе.

Но бидејќи е од француско производство можеби треба да се стави во рамката на купувањето на француските ловци „рафал“ за српската војска. Српската влада претходно во 2018 набави еден користен „Ембраер легаси 600“ произведен 2007. Дотогаш тој воздухоплов главно се користел за летање во Бразил, каде што е и произведен. Во авио флотата на Србија има уште два мали и прилично стари авиони „Фалкон 50“ и „Лирџет 31 А“ произведени во 90-те години. (Љ.П.)