Сиљановска му ја честитала победата на Радев, побарала конструктивност и разбирање
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова во телефонски разговор му ја честитала победата на парламентарните избори на поранешниот бугарски претседател, сега лидер на Прогресивна Бугарија, Румен Радев, и притоа потенцирала дека од новата бугарска влада очекува конструктивен однос и разбирање на потребата од проширување.
– Му посакав успех, изразив уверување дека штом доби вака високо мнозинство тоа е гаранција за стабилност, дека веројатно бугарскиот народ, бугарските граѓани во него препознаа стабилен елемент на државата и нацијата, дека веројатно ќе може лесно да формира влада и да ја оствари својата програма, рече претседателката во изјавата за медиумите.
Сиљановска – Давкова посочи дека мнозинството и стабилноста се и за нас важни затоа што, како што нагласи, „ќе имаме со кого да разговараме“.
-Потенцирав дека за мене регионалниот пристап е важен, дека очекувам пријателски однос, конструктивен однос, разбирање на потребата од проширување. Очекувам се разбира организирање средба, изјави претседателката Сиљановска – Давкова.