Хоспитализирани нови 20 лица од Кочани


Фото: Б. Грданоски

Денеска се хоспитализирани нови 20 случаи, вклучувајќи три пожарникари, oбзнани директорот на Фондот за здравство Сашко Клековски на Фејсбук.

„Со тоа и покрај преносот во странство бројот на хоспитализирани е околу 90 повредени и тоа во Клинички центар 60 лица, ГОБ 8 септември 17 лица и во Св. Наум Охридски 12 лица.

На тоа треба да се додадат 8 повредени во Аџибадем Систина и 6 повредени во Жан Митрев. Денеска во странство се пренесени 24 повредени и тоа 13 во Србија, Словенија двајца повредени, Литванија четири, Бугарија еден, Австрија четири (Виена, Грац)“, пишува Клековски.

Тој информира дека вкупниот број на повредени кои се лекуваат во странство е 73.

„Во Србија едно лице е во КЦ Ниш, во ВМА се четири лица и КЦ Белград се осум повредени.  Се очекуваат нови транспорти ноќеска во Атина, Грција и Загреб, Хрватска“.

Директорот на ФЗО објави и дека денеска пристигна тимот од Израел од Шеба центарот.

„Тимовите од Чешка и Израел се во Клиничкиот центар во Скопје, а денес ги поздрави и Христијан Мицкоски, Претседател на Владата“, се вели во објавата.

Четиринаесетмина повредени од Кочани, кои се хоспитализирани во Бугарија, остануваат во тешка состојба со повеќе изгореници и вдишени жешки гасови, кои им нанеле тешки телесни повреди, информира БНТ.

Министерот за здравство Арбен Таравари денеска ќе замине во Бугарија за да ги посети згрижените пациенти.

Од „Пирогов“, каде што се лекуваат осуммина од повредените, информираат дека на луѓето ќе им биде потребна трансфузија на крв поради што болницата, заедно со бугарскиот Црвен крст и Националниот центар за трансфузиона хематологија, започнала крводарителска акција.

До крајот на неделата на паркингот на болницата „Пирогов“ во главниот град ќе има шатор на бугарскиот Црвен крст, каде што медицинските лица и волонтерите ќе ги пречекаат оние кои сакаат да даруваат крв за повредените млади.

И состојбата на настраданите во пожарот згрижени во Србија е тешка, но стабилна, јавува РТС. Синоќа на Ургентниот центар во Белград пристигнале уште осум пациенти тешко повредени. Сега во оваа медицинска установа се згрижени вкупно 17 пациенти.

Во Србија вкупно се згрижени 29 повредени во страшниот пожар што ја зафати дискотеката „Пулс“ во Кочани. Тие се сместени во четири здравствени домови во Србија – во Воената болница и клинички центар во Ниш, во Белград во ВМА и во Ургентниот центар.

Сите имаат сериозни повреди опасни по живот, вели во изјава за РТС професор д-р Милан Стојичиќ, директор на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија на Универзитетскиот колеџ за медицина, додавајќи дека тројца од осумтемина се на респиратор.

„Површината на телото зафатена со повреди од изгореници е до 25 проценти. Сите имаат симптоми на интоксикација и изгореници на респираторниот тракт и затоа се опасни по живот“,нагласува Стојичиќ. За оние што биле оперирани претходниот ден, истакна дека се хемодинамски стабилни и дека нивното лекување продолжува, што, како што рече, сигурно ќе трае долго.Граѓаните што се пријавиле да помогнат при трансплантација на кожа ќе бидат известени доколку се потребни донации.

Според заменик министерот за здравство Андоноски се планира трансфер на уште неколку пациенти во Виена, Полска, Шведска, Холандија, Италија, Хрватска, Норвешка и Словенија, но конечниот број на префрлени пациенти ќе биде дополнително објавен.

Во земјата пристигнаа меѓународни медицински тимови за помош во лекувањето на најтешко повредените пациенти. Андоноски известува дека дд Белгија се пристигнати лекари, а денеска се очекуваат и дополнителни засилувања: Израел – 7 лекари (уште 10 пристигнуваат денес), Чешка – 6 лекари, Белград – 6 лекари

Здравствените власти соопштија дека моментално сите пациенти, и во земјата и во странство, се во стабилна состојба, но постои можност за компликации. Пациентите кои беа интубирани во Анкара (5 на број) сега се екстубирани и во добра здравствена состојба.