Хорор во Италија: Осмоодделенец избоде наставничка со нож
57-годишна наставничка е однесена во болница во Бергамо во тешка состојба откако наводно била нападната со нож од 13-годишен ученик пред основно училиште во Трескоре Балнеарио.
Според карабинерите, ученичкот од осмо одделение веднаш бил уапсен, а инцидентот е оценет како изолиран случај кој нема врска со тероризам.
Повредената наставничка е итно префрлена со хеликоптер во болница во Бергамо, каде што е оперирана.
Истражителите велат дека момчето ја избодело наставничката во вратот и стомакот.
Во моментот на нападот, тој носел камуфлажни панталони и маица со натпис „вендета“ (што значи одмазда), додека во ранецот имал празен пиштол.
Италијанскиот министер за образование, Џузепе Валдитара, оцени дека станува збор за „шокантно сериозен настан“ и изрази поддршка за наставничката, нејзиното семејство и училиштето.
Тој изјави дека инцидентот ја покажува потребата од брзо усвојување на нови прописи за борба против малолетничкиот криминал и ширењето на нелегално оружје меѓу младите, заедно со зајакнување на психолошката поддршка во училиштата.
Валдитара додаде дека ќе зборува и за ова прашање во Париз, на настанот по повод презентацијата на Извештајот на GEM за 2026 година за глобалното следење на образованието.
Претседателот на здружението на директори на училишта „DirigentiScuola“ Атилио Фрата предупреди дека насилството во училиштата се зголемува и го покрена прашањето за одговорноста на семејствата.
„Речиси поминува ден без вознемирувачки вести да доаѓаат од училиштата. Како може дете да излезе од дома вооружено? Вонредната состојба во образованието сега е надвор од контрола“, рече Фрата.
Претседателот на Националното здружение на директори на училишта, Антонело Џанели, оцени дека инцидентот е „алармантен“ и знак за зголемување на насилството во општеството, предупредувајќи на загрижувачката фреквенција на употреба на нож меѓу најмладите.
Тој нагласи дека е потребно да се зајакнат образовните и превентивните мерки и да се подобри безбедноста на училишниот персонал и учениците.