Хорор изјава на руска функционерка до ранетите војници: Вие сте заслужни што сме водечки во развојот на протези!

Заменичката на рускиот министер за одбрана Ана Цвилева, која е роднина на Владимир Путин, ги пофали ранетите војници од војната во Украина, тврдејќи дека токму тие се заслужни за водечката улога на Русија во развојот на протези за екстремитети, објави Киев Пост.
Цвилева, именувана на функцијата и покрај критики за недостиг на искуство и блиски семејни врски со претседателот, зборуваше на панел-дискусија на Источниот економски форум. Таа изјави дека инвазијата на Украина драматично го забрзала развојот во областа на протетиката. Според неа, 11,5 милиони Руси со инвалидитет кои живееле во земјата пред инвазијата во 2022 година сега имаат подобар живот, делумно благодарение на војниците што ги изгубиле екстремитетите.
Цвилева нагласи дека Русија сега има сеопфатна програма за протетика, која вклучува и обука на војници со ампутации за правилна употреба на протезите. Таа истакна дека порано војниците добивале протези без обука и „не разбирале како функционираат“, што според неа сега е надминато.
– Циклусот вклучува соодветна подготовка, протетика и обука како да се користи протезата. И не само користење, туку и максимална компензација на изгубената функција – рече таа.
На крај, Цвилева се пофали дека руската протетика не заостанува зад кинеската.
Во меѓувреме, Украина проценува дека вкупните руски воени загуби од почетокот на инвазијата, заклучно со 4 септември, достигнале 1.085.410 мртви и ранети. Иако точниот број на тешко повредени руски војници не е познат, независниот руски портал Медуза во ноември 2024 година објави дека првпат по 11 години е забележан раст на регистрациите на лица со инвалидитет.