Холандскиот премиер Руте во голема неволја иако преживеа гласање за недоверба
Двата коалициски партнери не се расположени тој пак да биде премиер откако се испостави дека го лажел парламентот
АМСТЕРДАМ – Шансите на холандскиот премиер Марк Руте да формира нова влада добија сериозен удар во петокот, бидејќи парламентот усвои официјално барање за неодобрување, во кое се вели дека тој не ја кажал вистината за забелешките дадени за време на разговорите за формирање влада.
Сепак, пратениците за малку не успеаја да го изгласаат предлогот за недоверба што ќе го принудеше Руте да си даде оставка.
„Парламентот ми даде сериозна порака и ќе се обидам најдобро што можам да ја вратам довербата“, им рече Руте на новинарите по дебатата. Не беше јасно кога и во каква форма ќе продолжат разговорите за формирање влада.
„Ова беше многу сериозна работа, за која понудив извинување“, рече Руте.
„Предлогот на неодобрување“ прецизираше дека Руте „не ја кажа вистината“.
Руте беше очигледен победник на парламентарните избори на 17 март, што се сметаше за референдум за неговото справување со пандемијата со корона вирусот.
Сигрид Кааг, лидер на втората по големина партија во парламентот, рече дека не е сигурна дали сега ќе биде подготвена да се приклучи на новата влада со Руте.
„Да бев јас тој, немаше да продолжам“, рече таа на прашањето за позицијата на Руте.
Кризата настана во четвртокот, откако Руте призна дека приватно разговарал за тоа какво работно место треба да има познат член на парламентот, кој бил критички настроен кон неговиот претходен кабинет. Руте претходно изјави дека не го сторил тоа.
„Единствено што можам да направам тука е да кажам од дното на моето срце, моите прсти, да кажам што се случи, што помина добро, што тргна наопаку, дека никогаш не лажев“, рече Руте во четвртокот во парламентот.
Руте, 54-годишен конзервативец, кој е на функција повеќе од 10 години, посочи на неговото досие и рече дека се надева дека ќе продолжи да ја води земјата.
Разговорите за формирање нова влада беа ненадејно прекинати на 25 март кога еден од главните преговарачи несакајќи му откри чувствителен документ на новинскиот фотограф кога таа излета од парламентот откако дозна дека има позитивен тест за Ковид-19.
Документот покажа дека преговарачите разговарале за позиција „на друго место“ за популарниот пратеник Питер Омцигт, истакнат критичар на претходниот кабинет на Руте, иако демохристијаните на Омцигт беа дел од владејачката коалиција. Криптичната забелешка се толкува дека подразбира надвор од парламентот – или надвор од Холандија.
Омцигт, кој положи заклетва како член на парламентот во средата, рече дека импликацијата дека треба да биде отстранет е „навреда за холандскиот гласач“.
Руте му понуди извинување на Омцигт за она што се случи за време на дебатата. (Ројтерс)