Хидросистемот „Стрежево“ тоне во загуби

Директорот на претпријатието вели дека загубата од 2,5 милиони евра е поради амортизацијата и најавува нови вработувања


Акумулацијата „Стрежево“ служи за наводнување и за потребите на РЕК „Битола“

 

БИТОЛА – За првите шест месеци од оваа година ЈП „Стрежево“покажало загуба од над 2,5 милиони евра. Претпријатието, кое е под државна капа, раководи со хидросистемот „Стрежево“, и снабдува со вода за наводнување 20.200 хектари земјоделско земјиште и е главен доставувач на сурова вода за индустријата, особено за РЕК „Битола“. Претпријатието има рибник за одгледување и продажба на пастрмка и раководи со ски лифтот Ниже Поле на Пелистер.

Наспроти загубата, во Стрежево редовно се земаат плати, платите се покачени, се исплаќа годишен регрес и се редат нови вработувања.

Многу често граѓаните коментираат како функционираат јавните претпријатија, колкав е бројот на нивните вработени, дали остваруваат добивка или се во загуба, дали имаат капацитети да одговорат на потребите на граѓаните.

Првиот човек на ЈП „Стрежево“ Битола, Методија Граматковски, кадар на СДСМ, кој е на чело на претпријатието во последните пет години вели дека во него сѐ функционира како што треба, а загубата се должи на  амортизацијата која е пресметковна категорија. Тој смета дека ако се анализираат реално приходите и расходите, без амортизација, претпријатието има позитивен биланс.

„ЈП ‘Стрежево’ Битола располага со огромен капитал, градежни објекти, постројки, опрема, деловен инвентар и останати материјални средства кои се амортизираат согласно Уредбата за начинот на пресметување на амортизација. Загубата во првите шест месеци од 2022 година, изнесува 159 милиони денари. Оттука произлегува дека загубата се должи на амортизацијата која е пресметковна категорија и ако ги анализираме податоците без неа ‘Стрежево’ работи ликвидно, без потешкотии“, изјави Граматковски за „Независен“.

Иако загубар, Владата им ги зголеми платите на вработените, а „Стрежево“, тврди Граматиковски, редовно ги исплаќа и  редовно ги сервисира сите обврски кон државата и деловните партнери од сопствени средства, тврди Граматковски и прави споредба со претходното раководство од ВМРО ДПМНЕ.  

„Имаме стабилна состојба на тековните финансиски средства, ја зголемивме платата на вработените, исплаќаме регрес за годишен одмор. Десет години претходното раководство не исплаќаше. Функционираме подобро во сите сегменти од работењето, вложуваме во капитални инвестиции со многу проекти од сите дејности каде што интересот на граѓаните е приоритет“, вели тој.

Сепак, Граматковски признава дека ситуацијата не е едноставна, особено очекувањата во поглед на финансиите до крајот на годината. Длабока лузна врз финансиското работење на „Стрежево“ остави судскиот спор со ЗК „Пелагонија“, каде претпријатието изгуби и мораше да плаќа отштета. Во февруари годинава за само една недела државното претпријатие му ја исплати отштетата од 1 милион евра и судските трошоци на ЗК „Пелагонија“, чиј претседател на одборот на директори е бизнисменот Цветан Панделески.

Директорот на ЈП „Стрежево“ Методија Граматиковски

Во 2015 година свлечиште кај битолското селото Драгарино направи голем дефект на главниот доводен канал за вода на хидросистемот и илјадници хектари посеани со земјоделски култури на Комбинатот останаа без наводнување. Ова е една од ретките пресуди каде јавно претпријатие требаше да исплати толкава сума на пари кон приватна фирма. Граматковски вели дека сега предметот е на ревизија пред Врховниот суд, а огромната исплатена сума „недвосмилено остави траги врз работењето на ‘Стрежево’“.

Но, „Стрежево“ сѐ уште ја полни сметката на ЗК Пелагонија.

„Затезните камати во висина од 45 милиони денари ги плаќаме одложено, а досега имаме исплатено дел од каматата, и во наредниот период со утврдена динамика таа ќе биде доплатена во целост. По препорака на Владата за компензација на каматата, очекуваме да потпишеме спогодба за подмирување на остатокот од каматата, со компензација за испорачана вода во оваа и следната година“, вели Граматковски.

„ Стрежево“ очекува согласност од Владата за нови 14 вработувања. Граматковски наведува дека претпријатието го затекнал со 228 вработени, во моментот има 209 вработени на неопределено време и 14 вработени на определено време.

„Нови вработувања оваа година немаме, а очекуваме до крајот на годината да се трансформираат решенијата на 14 вработени на определено време во вработувања на неопределено време, односно да имаме толку вработувања колку што имавме пензионирања во тековната година“, наведува Граматковски.

За пет години од кога Методија Граматковски е на чело на фирмата реализирал педесетина нови вработувања во ЈП „Стрежево“.