Хантер Бајден: Епштајн ја запозна Меланија со Трамп. Меланија: Ќе го тужам

Првата дама на САД, Меланија Трамп, се закани дека ќе го тужи Хантер Бајден за повеќе од една милијарда долари, откако тој изјави дека таа била запознаена со нејзиниот сопруг, американскиот претседател Доналд Трамп, од осудениот сексуален престапник Џефри Епштајн, пишува Би-Би-Си.

Адвокатите на првата дама, која се омажи за Трамп во 2005 година, го опишаа тврдењето на Бајден како „лажно, омаловажувачко, клеветничко и провокативно“. Во писмото до адвокатот на Хантер Бајден се бара повлекување на изјавата и извинување, додека се заканува со тужба за „повеќе од милијарда долари штета“. Во писмото се вели дека првата дама претрпела „огромна финансиска и репутациска штета“ поради тврдењето, кое Бајден го повтори.
Тврдење без докази
Бајден, син на поранешниот американски претседател Џо Бајден, го изнесе тврдењето претходно овој месец во интервју во кое остро ги критикуваше минатите врски на Трамп со Епштајн. Трамп во минатото призна дека го познавал Епштајн, но тврди дека се разделиле на почетокот на 2000-тите затоа што Епштајн ги превзел вработените од спа-центарот на Трамп во Флорида.
Бајден му рече на режисерот Ендру Калаган: „Епштајн ја запозна Меланија со Трамп – тие врски се многу широки и длабоки“.
Адвокатите на првата дама тврдат дека Бајден се потпирал на статија на американската веб-страница „Дејли бист“ која подоцна била отстранета откако правниот тим на Меланија ја оспорил нејзината содржина и наслов. Отстранетата статија, во која делумно се цитира новинарот Мајкл Волф, алудирала на тоа дека Меланија била во врска со познаник на Епштајн и Трамп кога го запознала својот сегашен сопруг.
„Дејли бист“ ја повлекува приказната
„Дејли бист“ ја повлече приказната по правни приговори, извинувајќи се „за каква било забуна или недоразбирање“. Би-Би-Си соопшти дека нема докази дека Меланија и Трамп се запознале преку Епштајн, кој во 2019 година, според претходната и сегашната американска администрација, извршил самоубиство во затвор додека чекал судење по обвинение за сексуално злоставување малолетници.
Адвокатот на првата дама, Алехандро Брито, ја упати Би-Би-Си на изјава од нејзиниот помошник, Ник Клеменс: „Адвокатите на првата дама Меланија Трамп активно обезбедуваат итно повлекување и извинувања од оние кои шират злонамерни, клеветнички лаги“.
Во профил од 2016 година во списанието „Харперс Базар“ се вели дека Меланија и Трамп се запознале во ноември 1998 година на забава организирана од сопственикот на модна агенција.
Значаен тајминг
Меланија во тоа време изјави дека нема да му го даде својот телефонски број бидејќи тој бил „со придружба“. Во тоа време, Трамп тазе се разделил од својата втора сопруга, Марла Мејплс, од која се развел во 1999 година, откако претходно бил во брак со Ивана Трамп од 1977 до 1990 година.
Писмото на адвокатот доаѓа во време на притисок врз Белата куќа да ги објави таканаречените досиеја на Епштајн – документи од истрагата против осудениот педофил. Пред неговиот реизбор, Трамп рече дека ќе ги објави ако се врати во Белата куќа, но ФБИ и Министерството за правда во јули изјавија дека нема „инкриминирачки“ список на клиенти на Епштајн.