Хамас го разгледува мировниот предлог на Трамп за Газа и подготвува свој одговор


Предлогот за прекин на огнот во Газа, што вчера го изнесоа САД, зависи од одговорот на Хамас на планот од 20 точки за кој претседателот Доналд Трамп рече дека е „повеќе од блиску“ до прекин на двегодишниот конфликт во енклавата.

Медијаторите Катар и Египет го споделија документот со Хамас доцна синоќа откако израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху застана покрај Доналд Трамп во Белата куќа и вети поддршка за предлогот, велејќи дека тој ги исполнува воените цели на Израел. Не е јасно што ги ублажи претходните сомнежи на Нетанјаху за елементите на предлогот.

Хамас не е вклучен во рундата преговори и подготовката на планот на Трамп, кој ја повикува исламистичката милитантна група да се разоружа, барање што претходно го отфрлија.

„Преговарачите на Хамас рекоа дека во добра волја ќе го прегледаат планот и ќе дадат свој одговор“, изјави рано утринава функционер запознаен со разговорите, пренесуваат британските медиуми.

Трамп го предупреди Хамас дека ако ја отфрли неговата понуда, Израел ќе има целосна американска поддршка да преземе каква било акција што ја смета за неопходна.

Планот предвидува итно примирје, размена на сите заложници што ги држи Хамас за палестински затвореници што ги држи Израел, постепено повлекување на Израел од Газа, разоружување на Хамас и воведување преодна влада предводена од меѓународно тело.

Хамас денеска официјално не одговори на предлогот на Трамп и не знаеше што е ново во него, освен широката поддршка на иницијативата изразена од арапските и муслиманските земји.

Многу елементи од 20-те точки се вклучени во бројни договори за прекин на огнот предложени во последните две години, вклучувајќи ги и оние прифатени, а потоа отфрлени во различни фази од страна на Израел и Хамас.

Извор близок до Хамас изјави дека планот е „целосно пристрасен кон Израел“ и дека ќе наметне „невозможни услови“ со цел да се елиминира групата.

„Трамп предложи целосно усвојување на сите израелски услови дека палестинскиот народ и жителите на Појасот Газа немаат никакви легитимни права“, изјави палестински функционер под услов да остане анонимен.

Не е јасно како Хамас ќе го формулира својот одговор, бидејќи неговото апсолутно отфрлање би можело да доведе до конфликт со групата арапски и муслимански земји кои го поздравија планот.

Министрите за надворешни работи на Катар, Јордан, Обединетите Арапски Емирати, Индонезија, Турција, Саудиска Арабија и Египет вчера издадоа заедничка изјава во која го поздравија предлогот на Трамп и го нагласија тоа што го нарекоа „искрени напори“ на претседателот за прекин на војната во Газа.

Некои Палестинци го поздравија планот, велејќи дека тој може да ги прекине бомбардирањата и убиствата, но прашаа дали навистина ќе ја прекине израелската контрола врз Појасот Газа.

„Сакаме војната да заврши, но сакаме и окупаторската армија која уби десетици илјади луѓе да си замине и да нè остави сами“, рече 60-годишниот Салах Абу Амр, татко на шест деца од Газа.

„Се надеваме дека планот ќе ја заврши војната, но не сме сигурни дека ќе го направи тоа, ниту на Трамп ниту на Нетанјаху не можеме да им веруваме“, рече тој.

Израелските сили навлегоа подлабоко во Газа, достигнувајќи го центарот на територијата што Нетанјаху ја опиша како последен бастион на Хамас. Израел, исто така, го зголеми бомбардирањето на станбените области, принудувајќи повеќе семејства да заминат, објавија очевидци и лекари.