Гувернерот Славески на регионален семинар во Приштина: Финансиската стабилност – приоритет во дигиталната трансформација


Гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, учествуваше на регионалниот семинар „Kриптосредства и дигитални пари“, што се одржа во Приштина, во организација на Централната банка на Косово, каде што гувернери, претставници на централни банки, регулатори и финансиски експерти од регионот разменија мислења за современите предизвици и можности поврзани со дигитализацијата на финансискиот систем – соопштија денеска од неговиот кабинет.

Во рамките на панел-дискусија, посветена на политиките и регулативната рамка за криптосредствата и дигиталните пари, со акцент на најзначајните ризици и предизвиците за земјите од регионот, гувернерот Славески се осврнал подетално на потенцијалните ризици врз финансиската стабилност и монетарната трансмисија. Гувернерот истовремено истакнал дека забрзаниот развој на дигиталните форми на пари отвора значителни можности за унапредување на финансиските услуги, поголема ефикасност на плаќањата и поширока финансиска вклученост. Истовремено, тој нагласил дека овие процеси носат и нови предизвици поврзани со финансиската стабилност, заштитата на потрошувачите, спречувањето перење пари и зачувувањето на монетарниот суверенитет.

– Криптопазарот во нашата земја засега е релативно мал и не претставува значителен ризик за финансиската стабилност. Сепак, потребно е воспоставување јасна и современа регулативна рамка, усогласена со европските стандарди, што ќе овозможи соодветна заштита на корисниците, правна сигурност и ефикасен надзор над овој сегмент од финансискиот систем – истакнал Славески.

На семинарот било разгледано и влијанието на дигиталните пари врз трансмисијата на монетарната политика, при што посебно внимание било посветено на потенцијалните ефекти од воведувањето на дигиталното евро врз малите и отворени економии. Во таа смисла, нагласено било дека централнобанкарските дигитални валути (CBDC) може да претставуваат инструмент за зачувување на монетарниот суверенитет и за поддршка на модернизацијата на платните системи.

– Народната банка внимателно ги следи меѓународните трендови и регулаторните иницијативи во областа на дигиталните средства и активно ги анализира можностите и влијанијата од евентуалното воведување дигитален денар. Во соработка со меѓународни институции, вклучително и Светската банка, се спроведуваат истражувања за потенцијалната побарувачка и можната улога на дигиталната валута на централната банка во домашниот финансиски екосистем – нагласил Славески.

Како што информираа од кабинетот на гувернерот, тој посочил дека криптосредствата и дигиталните пари сè повеќе стануваат дел од современиот финансиски систем.

– Нивниот потенцијал за иновации е значителен, но нивниот развој мора да биде придружен со соодветна регулатива, ефективен надзор и внимателно управување со ризиците – потенцираа од кабинетот на гувернерот.