Гротеските на судството и полицијата


Наум Котевски

Многубројни контроверзии и политички расправии ги следат судските процеси што ги води Специјалното јавно обвинителство додека власта и опозицијата се на два брега околу донесувањето на законот за јавно обвинителство.

Карикирање на рочиштата, нелогични одложувања, комични заплети… Судско-полициската дружина жанровски цврсто е позиционирана меѓу општествена драма и комедија, но дефинитивно ни режира филм поради кој се создава грч во желудникот. Дејствуваат како распаднат одред, за кој ако ги прашате одвоено ќе ви кажат дека станува збор за „елитна единица за правда“ која јавноста нема капацитет да ја разбере.

Јавајќи на овдешните стереотипи на борбата на доброто против злото, протагонистите развиваат исклучително забавни епизоди. Просто е неверојатно на кој начин се кочи процесирањето на судските процеси, додека, да речеме, италијанската обвинителска елита изминатиов период го окупираше Скопје сакајќи притоа да подели некоја лекција во насока со вистинската битка со криминалот, особено со оној од висок профил, и да ни каже дека вака веќе не може.

Гротескно изгледаат институционалните објаснувања, на пример, зошто функционерите во минатата влада, Миле Јанакиески и Кирил Бижиновски, кои се во домашен притвор, полицијата не ги спроведе на рочиште за случајот „Титаник“, еден од стожерните предмети на СЈО за злосторничко здружување, повреда на избирачко право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања. Да беше во прашање Орце Камчев, како што беше пред неколку дена случајот, кога во улога на сведок за случајот „Тортура“ не се појави во судот, па и да поверуваме дека е недостапен за надлежните институции, со оглед на тоа што не може да се исклучи можноста дека страсниот вљубеник во спортот по присуството на ракометниот Фајнл-фор во Келн, сега да е на Копа Америка. Суд си е суд, ама спорт си е спорт. Бразил е малку подалеку, ама кој го спречува обвинетиот во „Империја“ да се позабавува со Јужноамериканците.

Судењето за „Титаник“ се одложи поради „пречки во програмата“. За Јанакиески во надлежната полициската станица Карпош не била стигната наредба, која, како што велат од Кривичниот суд, била уредно испратена. Во случајот со Божиновски, пак, наредбата за спровод била стигната до полициската станица Центар, но била направена грешка при проследување на наредбата. За полицаецот кој ја направил грешката веднаш е поведена дисциплинска постапка и ќе биде суспендиран.

Види богати, таму некој си трети, четврти ешалон, таму некое „џандарче“ си игра мајтап со политичките и судски првенци кои решиле работите да ги истераат до крај, па затоа, ете, не можеле да се избегнат пречките за да се заврши во пристоен рок судски случај за високопрофилен криминал. Мантрата дека „мравката го стопираше дивот“ треба да ни се продаде како поука. Браво!

Но вистината е друга, ова и вакво проблемче би било мачкина кашлица доколку постои вистински систем кој евентуалните вакви грешки би ги елиминирал во секунда. Никој нема ни да слушне за полицаецот, а обвинетите како попчиња ќе си дојдат во судница. Пена му фати устата на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, дека судството не било реформирано, дека тој не бил виновен за бегството на азилантот Никола Груевски. Но секојдневните случувања го демантираат. Вината очигледно не може да се адресира на едно место. Очигледно е дека станува збор за системска хаварија. Ако не закочи работата овде, ќе закочи онде. Причините за крахот лежат во политичката ароганција и во тешко сфатливото лицемерство кое го демонстрираат во јавноста видливите актери на процесот.

Токму затоа и слушаме фантазмагорични информации од судниците дека судија, во случајот Осман Шабани, за време на судењето за „Монструм“ врти по телефон по полициски станици и прашува каде се сведоците, а обвинителката Фатиме Фетаи претпоставува дека еден од нив можеби е во затвор. Урнебесно!

Постојано се укажува на темелни реформи за да се решат постоечките структурни недостатоци во подрачјето на владеење на правото, функционирање на демократските институции. Во таа насока, амбасадорот на Холандија, земјата која ја споменува иднината на СЈО како услов на евроинтегративниот пат, порача дека мора да се најде ефикасен начин за СЈО да се инкорпорира во Јавното обвинителство, но да задржи дел од независноста, а за тоа одговорност да понесе и опозицијата.

Така е тоа во начелото. Меѓутоа, кога високата политика и правосудниот систем ќе се разложат на прости чинители, во вид на закони, оперативни одлуки, судски процеси, конечни пресуди и спроведување крупни ѕверки зад решетки, тогаш секогаш одново и одново, и политиката и судството, се покажуваат во својата физиономија на џуџе.

Само пред неколку години трчавме наназад, а сега трчаме во место. Интересите се толку испреплетени, што прашање е дали и подобрувањето на законската регулатива ќе ги извади од фиоките предметите за висока корупција и финансиски криминал, за кои јавно говори и обвинителката Лидија Раичевиќ. Или засега храбриот директорот на финансиска полиција Арафат Муареми ќе си пука во празно.