„Грок“ на Маск загуби во натпревар во шах на вештачката интелигенција. Опен АИ славеше без пораз

Опен АИ (OPENAI), креаторот на Чет Џи-Пи-Ти (ChatGPT), го освои финалето на турнирот чија цел беше прогласување на најдобриот шахист меѓу вештачката интелигенција, победувајќи го Грок (Grok 4), модел од компанијата xAI на Елон Маск.
Иако шахот се користи со децении за тестирање на напредокот на компјутерите, на овој турнир не беа вклучени машини специјално програмирани за играње шах, туку системи со вештачка интелигенција развиени за секојдневни задачи. Моделот o3 на ОпенАИ остана непоразен и го победи Грок 4 во финалето, продлабочувајќи го соперништвото меѓу две компании чии лидери – Сем Алтман и Елон Маск – тврдат дека ги имаат најпаметните модели во светот.
Третото место го освои моделот „Џемини“ (Gemini) на Гугл, победувајќи друг модел на ОпенАИ. Грок 4 направи серија грешки во финалните игри, вклучително и повеќекратни загуби на кралицата, што му овозможи на ОпенАИ да постигне серија убедливи победи.
„До полуфиналето, се чинеше дека ништо не може да го спречи Грок 4 да победи“, рече Педро Пињата од Chess.com. „Но, илузијата се урна на последниот ден од турнирот.“ Шаховскиот велемајстор Хикару Накамура коментираше во преносот во живо: „Грок направи толку многу грешки во овие игри, а ОпенАИ не.“
Пред финалето, Маск напиша на X дека успехот на неговиот модел во претходните игри бил „несакан ефект“ и дека речиси никакви ресурси за развој не се трошеле на шахот.
Турнирот се одржа на платформата Kaggle на Гугл, каде што системите за вештачка интелигенција се натпреваруваат на различни задачи. Во текот на три дена, осум големи јазични модели од ОпенАИ, xAI, Гугл, Антропик (Anthropic) и кинеските компании Дип сик (DeepSeek) и Муншот (Moonshot AI) играа едни против други.
Шахот и другите стратешки игри како Гоу (Go) често се користат за тестирање на способноста на моделот да учи и да развива оптимални стратегии. Кон крајот на 2010-тите, програмата АлфаГо на Гугл победи низа светски шампиони во Го, што го натера јужнокорејскиот велемајстор Ли Се-дол да се повлече од натпреварувањето, велејќи дека „постои ентитет што не може да се победи“.
Кон крајот на 1990-тите, шаховските легенди играа против најмоќните компјутери од тоа време, а победата на Дип Блу на IBM над Гари Каспаров во 1997 година се смета за пресвртница во докажувањето на можностите на компјутерите. Години подоцна, Каспаров ја спореди оваа интелигенција со будилник – но, како што рече, „фактот дека станува збор за будилник од 10 милиони долари не ми го олесни тоа“.