Грешката на Светлан Стоев околу Данска и Норвешка


Данска не беше една земја со Норвешка до 1905, како што тврди бугарскиот шеф на дипломатијата, туку Норвешка беше во унија со Шведска. На чело на таа унија беше шведскиот крал

 

Службениот министер за надворешни работи на Бугарија, Светлан Стоев, обидувајќи се да поентира околу барањето на Софија македонија да го промени Уставот и во него да бидат набројани Бугарите како етничка група, ги спореди односите меѓу двете држави како оние меѓу Данска и Норвешка и моментот кога Норвешка прогласи независност во 1905 година.

Кога политичарите почнуваат да прават паралели со историјата и да бараат извори во неа за решавање на сегашни проблеми, често знаат да направт грешки. Тоа го направи на неколку пати неговата претходничка Екатерина Захариева, но зачудувачки е како тоа го стори Стоев, кој беше амбасадор во Данска две години, до мај 2021, пред да биде повикан да стане службен шеф на дипломатијата.

Тој, како што објави денеска дописникот на МИА од Софија, на прес-конференција ги посочил скандинавските земји како пример за добрососедство и вистинско разбирање и партнерство.

„Данска беше една земја со Норвешка до 1905 година, а денес тие го надминаа минатото и се многу блиски“, изјавил Стоев.

Изгледа зачудувачки како амбасадор во Копенхаган до пред неколку месеци да не ја знае барем поблиската историја на Данска, а сака да ја користи како идеја за приближување на два народи.

Фактите се сосем поинакви од она што го кажа Стоев. До 1905 година Норвешка беше во унија со Шведска, а не Данска. До формирањето на оваа унија дојде во 1814 година, откако Данско-норвешкиот сојуз (исто така унија) постоеше неколку векови. Но овој Данско-норвешки сојуз во Наполеоновски војни во Европа застана на страната на францускиот император и кога тој беше поразен во 1814 година, Норвешка беше одделена од Данска и со одлука на големите сили припоена на Шведска. Тоа беше персонална унија на чело со шведскиот крал, со заедничка надворешна политика. Но Шведска и Норвешка имаа посебни устави, закони, администрација, вооружени сили и валути.

Големата желба за независност, појавувањето на силни интелектуалци во литературата и уметноста во националната преродба на Норвежаните, доведе до независност на државата донесена со унилатерална декларација на норвешкиот паралемнт, а потоа прифатена од шведскиот парламент.

Историјата на односите меѓу Данска и Норвешка е подолга, таа државно се влече од 16 век. Данска секогаш била доминатна во меѓусебните односи, дури и главниот град Осло од 17 век го носеше името Кристијанија во чест на данскиот крал Кристијан Четврти. Откако Норвешка стана независна во 1925 година Кристијанија беше преименувана во Осло, според првиот назив на градот.

Точно е тоа што го вели министерот Светлан Стоев дека двете земји имаат имаат вистинско разбирање и партнерство, но тоа во голема мерка зависи од однесувањето на државите. Ниту Шведска ниту Данска никогаш не ја доведувале во прашање посебноста на Норвежаните како нација, ниту нивниот јазик, иако доминирале со нив. Трите јазици – шведскиот, норвешкиот и данскиот – се многу слични, но во трите земји не се поставува прашањето дали едниот е попрв, дали другиот е некаков дијалект на првиот итн.

А сега, по толку векови заедничко живеење бројот на Швеѓаните и Данците во Норвешка е многу мал. Според податоците на норвешката статистика, во земјата сега има 39.000 Швеѓани и 20.000 Данци во државата од 5,3 милиони жители. (Љ.П.)