Граѓанин му прати отворено писмо на Мицкоски: Покажи на дело во Сопиште дека го правиш тоа што го ветуваш


Христијан Мицкоски на митингот во Кичево

Мотивиран од пораките на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, до градоначалниците, кој ги повика да се откажат од привилегиите, од злоупотребата на службените возила и од прекумерно трошење на буџетот на разни гозби, и конечно да излезат на терен и да ги решаваат проблемите на граѓаните, граѓанин на Сопиште му упати отворено писмо со кое бара да сопре проект во оваа општина за кој градежна дозвола дал токму градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ. 

„На некои 3.000 метри квадратни, без соодветно решение за сообраќаен пристап, без соодветен капацитет на канализацијата, водоводната и мрежата за снабдување со електрична енергија, и на директна штета на околните семејства кои домуваат во индивидуални куќи, Општина Сопиште, на чело со градоначалникот од вашата партија, издала одобрение за градење несразмерно голем деловно-станбен објект. Поточно се работи за трговски центар и три ламели со станови што со својата диспропорционалност несомнено ќе го влошат квалитетот на животот на соседните семејства. 

На прес-конференцијата нагласивте дека следниот чекор ви е формирање влада на чело со партијата која ја предводите. Случајот Сопиште е пример од кој ние засегнатите, но и целата јавност ќе може да се уверат дали се работи само за празни ветувања или пак, вие и вашите сопартијци сте решиле суштински да се зафатите со искоренувањето на рак- раната на македонското општество – злоупотребата на службената власт и ‘легалното’ донесување и спроведување одлуки кои се во директен конфликт со вашите заложби кои ги ветувате, и искрено се надевам, во кои верувате, му порача граѓанинот Коста Милков на Мицкоски во отвореното писмо. 

Според него, ако навистина е на страната на правдата и на вистината, ако навистина му е важна благосостојбата на граѓаните на Македонија, ако навистина е против „бетонизацијата“ на општините, за што го обвинил доскорешниот градоначалник на Карпош, тогаш од него очекува заложба и за овој случај. 

„Верувам дека забележавте дека не го употребив името или акронимот на вашата политичка партија. Тоа не е случајно. Ниту една политичка партија воопшто не ме интересира како таква… Гласам за политики, а не за политичка партија. Се разбира при гласањето водам сметка за остварувањето на ветените политики на претходните избори. Од текот на овој случај, кој е само на хартија легален, од заложбите на градоначалникот од вашата партија, како и од вашите заложби јас ќе ја оформам одлуката како и за кого ќе гласам на следните парламентарни и локални избори. Во оваа конкретна ситуација јавноста ќе има можност да ги види вашите декларативни заложби на дело“, стои во писмото.