Градежништвото и потрошувачката и натаму генератори на растот: БДП порасна 3,1 отсто во првиот квартал
Бруто-домашниот производ порасна за 3,1 отсто во првото тримесечје од 2026 година во однос на истиот период минатата година, соопшти денес Државниот завод за статистика. Генератор на растот и натаму е градежништво, кое се зголеми за 7,2 отсто. Пад има кај рударството 0,8 отсто, како и кај преработувачката индустрија со минус 0,2 отсто.
Кај трошочниот метод, финалната потрошувачка оствари номинален раст од 7,3 отсто, а нејзиното учество во структурата на бруто-домашниот производ е 86,4 отсто, а реален раст од 3,2 отсто, при што кај јавната потрошувачка растот е 5,5 отсто, а кај домаќинствата 2,6 отсто. Бруто инвестициите се зголемиле за скромни 1,5 отсто, покажуваат статистичките податоци.
Според сезонските и календарски прилагодените податоци (статистички податоци од кои се отстранети редовните, повторливи сезонски влијанија), стапката на раст на бруто-домашниот производ во првото тримесечје од 2026 година, во однос на првото тримесечје од 2025 година, е 3,3 отсто. За премиерот Христијан Мицкоски растот во првиот квартал кај нас, во услови кога нашиот најголем трговски партнер, ЕУ, расте еден процент, а еврозоната 0,8 отсто, претставува навистина историски податок
„И покрај сложеното опкружување, државата бележи раст, се движи во позитивна насока и покажува дека со одговорни политики, дисциплина и јасен план може да се создава стабилност, да се поттикнува развој и да се отвора простор за подобар живот на граѓаните“, оцени денеска на прес конференција во Владата, премиерот Христијан Мицкоски која нагласи дека успехот пред се е резултатот на посветена работа, јасни приоритети и решителност државата да не биде заложник на кризите, туку истите да ги решава и да ги надминува.
„Очекувам во периодот што следи темпото и резултатите од работата да бидат уште посилни“, рече Мицкоски.
Тој рече дека е целосно свесен за сложеноста на работите од реалниот живот и тешките околности со кои се соочуваат граѓаните, со кои и како влада се соочуваат.
„Ги разбирам проблемите, скапиот живот и секојдневните притисоци. Можеби некој има дилема за развојот што го креираме, а ќе има и такви кои на ова ќе гледаат како со потсмев, но сакам да нагласам дека нашата цел е да одиме чекор по чекор напред и грчевито да продолжиме да се бориме за подобар живот“, рече Мицкоски кој и на денешната прес конференција не пропушти да направи споредба со растот во други европски земји и да заклучи дека Македонија и натаму е во врвот според стапката на раст на БДП. Според овие податоци Македонија е на петтото место од земјите кои до сега излегле со показатели за економскиот раст во првиот квартал годинава.
„Вредноста на растот на БДП според Еуростат, значи ова не вели Владата, не Христијан, не партиите туку Еуростат. Ќе забележите дека ние сме на 5-тото место споредено со државите за кои што растот од страна на Еуростат е објавен, веднаш позади Малта, Полска, Србија“, рече Мицкоски додавајќи дека ако се анализираат табелите на Еуростат ќе се дојде до заклучок дека седми квартал по ред Македонија остварува рaст на БДП којшто се наоѓа најпрво во првата половина на Европа, а потоа и во првите пет земји во Европа.
Мицкоски се осврна и на податоците за индустриското производство во април, објавени вчера од страна на ДЗС, за кои исто така рече дека се „лоша вест за оние коишто не сакаат оваа држава да успее“. . Официјалната статистика вчера објави дека индустриското производство во април годинава е поголемо за значајни 7,6 отсто споредено истиот месец лани.
Резултатот е многу поскромен ако се споредат првите четири месеци од годинава, со истиот период лани – и изнесува 0,2 отсто.
„Но, не е во негатива во услови кога ја имаме најголемата, епски, енергетска криза во светот која што според сите познавачи од оваа област е поголема и од енергетските кризи во 70-тите години од минатиот век и онаа енергетска криза од 2022 година кога започна војната во Украина“, оцени Мицкоски.
Инаку, статистиката престана да објавува податоци за растот на индустриското производств по месеци, па така од официјалните податоци не може да се види колкаљво било производствот во април во споредба со март годинава.
Мицкоски исто така се осврна и на бројот на нови креирани работни места, односно на нововработени, кои како што рече „повторно ќе биде разочарување за сите оние коишто не сакаат државата да успе“. Како што образложи, бројката на вработени е зголемена во првите 21 месец од работењето на оваа Влада.
„Зошто велиме во првите 21 месец? Затоа што стапката на вработени на крајот од март 2026 година е 707.385, додека пак кога беше избрана Владата во јуни 2024, а тоа е крајот на вториот квартал, бројот на вработени беше 691.736 или отприлика цели 17.000 односно ако добро пресметаме 16 илјади нови креирани нови работни места“, рече Мицкоски.
Тој нагласди дека знае дека овие информации и овие бројки, ќе бидат лоша вест за оние коишто се молат оваа држава да не успее, но добра вест за огромно мнозинство граѓани бидејќи Македонија забрзува и Македонија се движи напред.
„Покажуваме дека со скромни ресурси можеме да направиме многу. Остануваме посветени на решавање на проблемите, враќање на долговите и решавање на нафтената криза, која е увезена. Обезбедуваме инвестиции и отвораме нови работни места. Ние мораме да обезбедиме напредок и да ги оставиме изговорите, нема очајување“, рече Мицкоски.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска рече дека паралелно со навременото сервисирање на обврските, економијата продолжува да испорачува позитивни резултати.
„Денешните податоци за економската активност се уште еден показател дека можеме истовремено да водиме одговорна фискална политика, да ги исполнуваме сите обврски кон доверителите и да обезбедуваме услови за економски раст. Во таа насока, продолжува реализацијата на капиталните инвестиции, буџетскиот дефицит постепено се намалува, а јавниот долг се одржува на стабилно и одржливо ниво. Нашата определба останува непроменета постепена фискална консолидација, намалување на дефицитот, одговорно управување со јавниот долг и создавање услови за повисок економски раст“, рече министерката Димитриеска-Кочоска.
Таа се осврна на отплатата на Еврообврницата издадена во 2020 година во вкупен износ од 700 милиони евра при што рече дека сите средства потребни за отплата на еврообврзницата беа однапред планирани и обезбедени.
„Средстата беа депонирани на девизната сметка и отплатата беше реализирана согласно планираната динамика“, рече таа, објаснувајќи дека средствата биле исплатени уште минатата недела, а денеска се пристигнати на сметките на инвеститорите.
„Како што е познато, во февруари годинава предвреме отплативме дел од оваа еврообврзница во износ од 383,7 милиони евра. Нашата цел беше со средствата обезбедени преку еврообврзницата издадена во јануари 2026 година да извршиме предвремен откуп и на тој начин да оствариме заштеди по основ на камати. На тој начин во буџетот заштедивме 3,2 милиони евра“, појасни министерката.
Таа потенцира дека ова е дел од пошироките активности што континуирано ги презема Министерството за финансии за навремено и редовно сервисирање на сите обврски на државата и дека од втората половина на 2024 година, кога ја презедовме одговорноста за управување со јавните финансии, па до денес, сервисирани се обврски во вкупен износ од 4,556 милијарди евра и дека во наредниот предиот доспеваат за отплата 9 милијарди евра и дека ќе продолжи процесот на внимателно управување со обврските.
„Во втората половина на 2024 година беа исплатени 786 милиони евра, во текот на 2025 година 2,198 милијарди евра, а во текот на 2026 година 1,571 милијарди евра. Во 2027 година 1,4 милијарда евра, во 2028 година 1,9 милијарди евра, 2029 година 1,1 милијарда евра, 2030 година 1,7 милијарди евра и 2031 година 1,2 милијарди евра. Дополнително на тоа се и 12-месечните задолжувања во период од 2026-2031 што значи на годишно ниво околу 1 милијарда евра државни записи кои доспеваат и се враќаат во континуитет“, истакна министерката.
Таа додаде дека станува збор за обврски кои се веќе познати и се дел од среднорочната стратегија за управување со јавниот долг и дека во периодот што следува ќе се продолжи со внимателно планирање и навремено обезбедување средства за нивно сервисирање. (М.Ј.)