„Големо око“ од „мал мозок“


Фото: Б. Грданоски

АЛЕКСАНДРА М. МИТЕВСКА

Да не беше аферата „Големо око“, која опозицијата се чини ја извади од „мал мозок“, со оглед на површноста на доказите што се изнесени досега, кампањата пред првиот круг од шестите претседателски избори можеби ќе останеше забележана како една од полетаргичните од почетоците на плурализмот во земјава. Секако, имаше одредени исклучоци од не баш суштинско значење за профилот и понудата на кандидатите, како што беше, на пример, приказната за „југото“ на Стево Пендаровски или „веселата географија“ на Гордана Силјановска-Давкова, што одвреме-навреме, сепак, го привлекуваа вниманието на публиката, па и на онаа категорија граѓани кои се сметаат за аполитични или политички неопределени.
Впечатокот за генерално монотониот тек на оваа изборна кампања и не мора да се третира како слабост, туку може да се анализира и како знак дека е постигнато некое повисоко ниво на култура и зрелост во предизборната политичка арена во земјава. Тројцата кандидати не бегаа од меѓусебни соочувањата пред камери, не си разменуваа директни навреди, па дури и неколкупати бевме сведоци на нивни прегратки. Пожешките и пожестоки реплики и овој пат им беа препуштени на партиските лидери, кои, и по повод изборите, не излегоа повпечатливо од досегашната матрица на меѓусебни препирки. Како што и „партиската неутралност“ на кандидатите се чини не ги импресионира премногу неопределените гласачи.
Од друга страна, недостигот на возбуда и елан во кампањата во овој случај може да биде и алармантно поради високиот изборен праг што треба да се постигне во вториот и одлучувачки изборен круг. Сето ова е и симптоматично, особено ако се има предвид политичкиот момент во кој се одигруваат овие избори.
Од аспект на прашањето околу кое се прекршуваа сите политички случувања во земјава во последната година – надминувањето на спорот за името и постигнувањето на договорот со Грција, ова предизборие, всушност, е своевиден показател дека во однос на Преспанскиот договор ниту владее преголема еуфорија во таборот на неговите поддржувачи, кои го увидоа значењето на овој документ за продолжување на процесот на евроатлантско интегрирање на земјата, како што е евидентно и дека нема поизразен револт во таборот на противниците на промената на името. Ова генерално отсуство на крајности во емоциите на граѓаните кон договорот од Преспа, речиси една година по неговото постигнување и два месеци од почетокот на неговата примена, можеби е една од причините за апатичниот однос на гласачите во кампањата за претстојните избори.
Млаката предизборна атмосфера, исто така, е симптоматична поради тоа што изборите се одигруваат по десетгодишен престој на Ѓорге Иванов на Водно, што е најдолгиот претседателски стаж во Македонија досега, така што можеше да се очекува и поголема заинтересираност на гласачите за тоа кој ќе биде новиот станар во претседателската резиденција. Исто така, ова предизборие е се случува паралелно со истекот на втората година од смената на власта во земјава, поточно на половина од мандатот на актуелниот парламентарен состав. Тоа е период во кој, вообичаено, би можеле да се очекуваат поисфилтрирани реакции за досегашното практикување на власта, наспроти анкетите што беа правени во предизборието, а кои не упатуваат на некои поголеми поместувања во рејтинзите на главните политички чинители во последната година.
Причините за отсуство на повеќе возбуда може да се бараат и во скромната понуда, со оглед на тоа што бројката од само тројца кандидати за шеф на државата е најмала во последната една и пол деценија, но е и несразмерна со големите амбиции за влез во претседателската трка што беа очигледни во предвечерието на изборите. Како што и летаргичното темпо на кампањата е несоодветно на значењето на функцијата претседател на државата, која формално е рангирана на самиот врв на власта во земјава и, иако не е најмоќна и највлијателна, барем се смета за една од најрепрезентативните.
Треба, секако, да се земе предвид и презаситеноста на гласачите од кампањи и изборни циклуси. Претседателските избори се случуваат само осум месеци по референдумот за името, така што од 2016 година досега не помина година без гласање, а изборни треба да бидат и следните две години.
Од тој аспект, дури и е симпатичен и забавен обидот на ВМРО-ДПМНЕ да внесе малку драматика во кампањата со посочувања за наводни скандали под егзотични кодови „Големо око“, покрај веќе баналното „Големо уво“. Само што нема да биде воопшто забавно доколку наводите за апликации преку кои власта добивала целосен увид во активностите на граѓаните на интернет прераснат во алиби за неучество на опозицијата во вториот изборен круг. Во таков случај, прашање е дали власта ќе може да инсталира и „апликација“ за мобилизација на над 40 отсто од гласачите за успешност на изборите, а потоа и за добивање позитивна и чиста оценка за изборниот процес, како еден од главните критериуми за одлуката на ЕУ за почеток на преговорите.