Големиот македонист од Полска, Влоѓимјеж Пјанка, почина на 85 години

Пјанка беше лектор по полски јазик на УКИМ од 1959-1967, член на МАНУ и неуморен промотор на македонскиот јазик и култура во Полска, а и во европски рамки


 

           Пред неколку дена, на 17 ноември, нѐ напушти еден од најголемите современи полски македонисти и искрен пријател на Македонија, професорот Влоѓимјеж Пјанка, член на МАНУ. Беше почитуван и еминентен професор на повеќе полски и странски универзитети, почнувајќи неговиот матичен Варшавски универзитет, во Институтот за западна и јужна славистика, потоа на Шлезискиот универзитет во Катовице и на универзитетот во Виена. Беше неуморен промотор на македонскиот јазик и култура во Полска и во пошироки европски рамки.

            За нашата лингвистичка средина професорот Пјанка (85) беше препознатлив по тоа што беше првиот лектор по полски јазик на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, кога во годините на неговиот престој од 1959-1967 година ги постави темелите на современата македонска полонистика. Постојано во своите лични искажувања со гордост го истакнуваше овој факт и секогаш со задоволство доаѓаше во Македонија. Учествуваше на бројни конференции, симпозиуми и научни престои, беше редовен гостин и предавач на нашиот Семинар по македонски јазик, литература и култура во Охрид. Претставуваше образец во областа на градењето цврсти полско-македонски културни и други односи.

            Неговите предавања никого не оставаа рамнодушен, освен што беше професор и научник од светски ков, професорот Пјанка воспоставуваше неверојатно блиски контакти со целокупното окружување, како со колегите, така и со студентите кај кои беше исклучително омилен. Често пати прибегнуваше кон шеги и мисли на големи умови, а за секој негов соговорник однапред имаше подготвено по некоја анегдота.

            Животниот пат на професорот Пјанка може да се подели на три дела, освен Македонија и Полска, тој долги години беше поврзан со Универзитетот во Виена, каде што се најде во 1981 година во предвечерјето на воената состојба во Полска и како активен симпатизер на Солидарност, никогаш не ги криеше своите слободоумни и демократски поимања на државното уредување, пред сѐ кога се работеше за својата татковина. Во татковината се врати кон крајот на минатиот век, велеше дека неговиот животен сон за слободна Полска стана исполнет.

            Беше огромен вљубеник на македонските предели, практично немаше дури ниту едно помало место кое професорот го немаше посетено. Често во интимните разговори со блиските пријатели го потенцираше овој факт, дека неговите доаѓања во Македонија му се потребни за духовно напојување и црпење научна инспирација.

            Автор е на огромен број научни единици, од кои треба да се истакнат: Топономастиката на охридско-преспанскиот басен, Македонските лични имиња во котлината Азот, Потеклото и развојот на граматичката категорија род во словенските јазици. Македонски јазик и Споредбената граматика на словенски јазици, Графематика и Фонетика. Автор е и на прирачникот за изучување полски јазик, а заедно со професорите Зузана Тополинска и Божидар Видоески е автор на големиот македонско-полски и полско-македонски речник.

            Почивај во мир, драг Професоре!

Здравко Стаматоски