Големи промени во новите модели на ChatGPT


OpenAI официјално ги лансираше генеративните модели o3 и o4-mini.

Компанијата тврди дека o3 е нејзиниот најнапреден модел на расудување, кој обезбедува „силни перформанси“ во задачите за програмирање, математика и природни науки. Од друга страна, моделот o4-mini е претставен како поповолна алтернатива која сепак постигнува „импресивни резултати“ во истите области.

Најинтересен новитет е што и двата модели носат можности кои претходните OpenAI LLM ги немаа. За прв пат, моделите за расудување можат да ги користат и комбинираат сите алатки достапни во ChatGPT, вклучувајќи пребарување на интернет и генерирање слики. Од компанијата објаснуваат дека оваа нова функционалност овозможува поефикасно решавање на сложени проблеми со повеќе чекори, но и дека на овој начин o3 и o4-mini „прават вистински чекори кон независно дејствување“.

Посебно интересно, o3 и o4-mini не само што можат да гледаат слики, туку можат и да ги интерпретираат и „размислуваат“ за нив на начин што значително ги проширува нивните способности за визуелна обработка. На пример, можете да им испратите слики од табели, дијаграми или скици – дури и со слаб квалитет – и новите модели ќе ги разберат. Тие исто така можат да менуваат слики како дел од процесот на расудување.

Иако Сем Алтман во февруари излезе во јавноста со информација дека o3 нема да биде лансиран како независен производ, на почетокот на април најави „промена на плановите“ и откри дека компанијата сепак ќе продолжи со лансирањето на моделите o3 и o4-mini.

„Има голем број причини за ова, но највозбудливата е тоа што сега можеме да го направиме GPT-5 многу подобар отколку што првично мислевме“, рече Алтман во објавата на својот X профил. „Исто така, сфативме дека е потешко отколку што очекувавме да интегрираме сè непречено.

Во меѓувреме, корисниците на ChatGPT Plus, Pro и Team пакетите можат да почнат да користат o3 и o4-mini денес. Во наредните недели, OpenAI ќе го активира и o3-pro, уште помоќна верзија на својот најдобар модел на расудување, кој ќе биде достапен за корисниците на Pro.