Голем пад на цените на гасот


Цените на гасот во Европа нагло паднаа во понеделник откако Иран и САД се согласија за текстот на меморандумот за разбирање за прекин на војната и објавија отворање на Ормускиот теснец по потпишувањето на документот.

Мегават-час гас за испорака во јули се тргуваше по 43,55 евра вчера попладне на холандската дигитална берза TTF, што е намалување од 7,4 проценти во однос на крајот на минатата недела. Тоа беше и најниската цена од почетокот на мај.

Расположението на пазарот беше обележано на почетокот на неделата со објавувањето на американско-иранскиот меморандум за разбирање за прекин на војната на Блискиот Исток, кој треба да се потпише во петок. Пред војната, околу една петтина од светската нафта и течен природен гас минуваа низ Ормускиот теснец.

Преговорите меѓу двете страни за конечниот текст на меморандумот завршија само неколку минути пред неговото објавување, објави иранската новинска агенција Тасним, повикувајќи се на неименуван информиран извор.

Вашингтон и Техеран не се согласија околу одредбите поврзани со Ормускиот теснец, рече изворот, според Тасним, и беа направени измени во текстот на документот во последните денови и часови од преговорите.

Така, во член 5 од меморандумот се додава дека Иран и Оман ќе обезбедуваат „услуги за поморска навигација“ во Ормускиот теснец, а документот е дополнет со одредба за 60-дневен мораториум за наплата на такси за бродовите што минуваат низ теснецот, објави Тасним, повикувајќи се на изворот.

По 60-дневниот период, Иран има намера да почне да наплаќа услуги за бродовите што минуваат низ водниот пат, додаде изворот.