Годишната инфлација во мај 4,8 отсто, цените на мало поголеми за 5,6 проценти
Годишната инфлација во мај годинава мерена преку трошоците на живот, во однос истиот месе лани, изнесува 4,8 отсто. На месечно ниво пак, односно мај во споредба со април годинава, инфлацијата изнесуваше 0,6 отсто, соопшти Државниот завод за статистика.
Најголемо влијание на годишната инфлација имале трошоците за транспорт кои на годишно ниво биле поголеми за 11 отсто, како и трошоците за алкохолни пијалаци, тутун и наркотици, кои биле поголеми за 9,3 отсто. Трошоците за рекреација, спорт и култура биле поголеми за 5,5 отсто, а за ресторани и услуги за сместување за пет отсто. Трошоците за храна и безалкохолни пијалаци на годишно ниво бележат раст од 4,7 отсто, покажуваат статистичките податоци.
На годишно цените на мало се зголемија за 5,6 отсто.
Во мај 2026 година, во однос на април 2026 година, зголемување на трошоците на живот е забележано во следните групи: Транспорт за 1,6 %, Облека и обувки, Храна и безалкохолни пијалаци за 1,0 %, Рекреација, спорт и култура за 0,9 %, Информации и комуникации за 0,7 %, Ресторани и услуги за сместување за 0,5 %, Здравствена заштита, Домување, вода, електрична енергија, гас и други горива за 0,1%.
Во мај 2026 година, во однос на април 2026 година, намалување на трошоците на живот е забележано во групите Лична нега, социјална заштита и разновидни стоки и услуги за 0,4 % и Покуќнина, опрема за домаќинствата и редовно одржување на домаќинствата за 0,1 %.
Трошоците на живот во групите Услуги за образование, Осигурување и финансиски услуги и Алкохолни пијалаци, тутун и наркотици остануваат на исто ниво како и во претходниот месец.
Цените на мало во мај годинава во однос на април се зголемени за 0,8 %.