Главната поддржувачка на Левица во Европскиот парламент го изгуби местото

Клер Дејли од Ирска беше поддржана од славните Ени Ленокс и Сузан Сарандон, но нејзиното разбирање за Владимир Путин придонесе за поразот


Клер Дејли

 

Еден о поинтересните настани поврзани со европскиот избори е што контроверзната пратеничка од Ирска, Клер Дејли, го загуби своето место во Европскиот парламент  по 17 пребројувања. Изборниот систем во Ирска е прилично комплициран за да може да се добие што е можно поправилен распоред на политичките сили и освен директните гласови за одреден кандидат има и преференции меѓу сите и може да дојде до многу пребројувања и затоа резултатите од Ирска секогаш доцна пристигнуваат.

Но веќе се знае дека Клер Дејли, која е икона на овдешната партија Левица (а и на претседателската кандидатка Билјана Ванковска) по пет години ќе мора да си замине од Европскиот парламент. Дејли, независна левичарска пратеничка, заедно со нејзиниот истомислиеник, европратеникот Мик Валас, лани во декември беа гости на Пленумот на Левица и беа третирани како вистински рок-ѕвезди.

Клер Дејли, која е позната дека нема влакна на јазикот при изразувањето на своите политички гледишта, во кампањата беше поддржана од познати личности, како пејачката Ени Ленокс и актерката Сузан Сарандон.

За време на нејзиниот престој во Европскиот парламент, Дејли го осуди западниот „милитаризам“ и беше обвинета дека му помага на Владимир Путин и другите диктатори, што таа го негираше. Таа доби голем број следбеници на платформите на социјалните мрежи и често се појавуваше на државните медиуми во Кина и Русија. Дејли стана позната и по тоа што гласаше против резолуцијата во Европскиот парламент со која се бара формирање на трибунал за кривично гонење на раководството на Русија за кривично дело агресија врз Украина.

„Почестена сум што можев да ја користам оваа платформа како моќен глас за мир, антимилитаризам и неутралност“, објави Дејли на Икс. „Овој резултат не е отфрлање на тие идеи. Тоа е доказ за успехот и досегот на работата што ја направивме што естаблишментот излезе со таква сила за да им наштети на моите шанси за реизбор“.

Но, Дејли беше помалку воздржана во коментарите за новинарите кои известуваа од сесијата за маратонско пребројување во Даблин. „Вие немавте интерес да разговарате со мене пет години, така што јас немам интерес да разговарам со вас“, рече таа додека се оддалечуваше од новинарите, вклучително и од ирската телевизија РТЕ, и одби да одговори на прашања.

Дејли стана познат на меѓународно ниво поради нејзиниот став кон Русија и Кина, критикувајќи ја воената поддршка на ЕУ за Киев и гласајќи против резолуцијата во Европскиот парламент со која се бара формирање на трибунал за кривично гонење на раководството на Русија за кривично дело агресија врз Украина.

Сè уште не е јасно дали Валас ќе го задржи своето место во Европскиот парламент додека пребројувањето на гласовите продолжува во изборната единица во Јужна Ирска.

Првите бројки сугерираат дека тој се соочува со битка да го задржи своето место, иако би можел да има корист од трансферите од други кандидати – клучен елемент на ирскиот систем со преносно гласање, што може да го направи конечниот резултат тешко да се предвиди.