Гласачите се повеќе и го вртат грбот на политиката- излезноста најмала во историјата


Фото: Б. Грданоски

Малатa излезност во првиот круг од локалните избори, која е најниска од независноста. Таа, според податоците на ДИК е 48,99 проценти, иако е можна мала корекција. Сепак, и со евентуални корекции излезноста останува историски најниска досега и помала од минимумот од 56 отсто забележан на локалните во 2005 година.

Според податоците за бројот на освоени гласови за општинските совети, најмногу гласови има ВМРО-ДПМНЕ – 285.525, потоа СДСМ – 239.214, па ДУИ – 103.805, АА/А – 55.540, Левица – 50.181, Беса – 25.426 и ЛДП/ДОМ – 24.850. Независните кандидати на овие избори добија 54.475, што повеќе од двојно зголемување во однос на 2017 година.ВМРО-ДПМНЕ сега има пад од околу 50 илјади гласови споредено со 2017 година, кога имале 335.769 гласа, додека СДСМ бележи намалување од над 180 илјади гласови. Пад од 21 илјада гласа има и БЕСА.

Изборите на 17 октомври беа седмо изјаснување за локалната власт од независноста на државата, но трети на кои се избираа градоначалници и советнички листи во 80 општини и Градот Скопје. Најголем одѕив во првиот круг имало на локалните во 2013 година – 67 проценти, а најмал 56 отсто – на локалните во 2005 година.

Во втор круг најголем одѕив имало на локалните избори во 2013 година – 65 отсто, додека најмал – 43 проценти на локалните избори во 2009 година.