Гимназијалката Искра Нечаковска од Битола ќе се натпреварува на Светската олимпијада по физика во Париз


БИТОЛА – Гимназијалката од Битола, Искра Нечаковска(17) е избрaна да учествува на Светската олимпијада по физика во Париз, Франција, што ќе се одржи во јули годинава. Убавата вест ја сподели Гимназијата „Јосип Броз Тито”, Битола каде Нечаковска е ученичка во трета година. Претходно Нечаковска ќе учествува на Европската олимпијада по физика во Софија- Бугарија. Ментор на ученичката Нечаковска е професорката по физика од Гимназијата во Битола, Драга Мишиќ. 
 
„Ученичката Искра Нечаковска на селекциониот натпревар по физика беше прва и во тој случај учествува на Светската олимпијада по физика која ќе се одржува од 17-25 јули во Париз – Франција. Исто така од 13-17 јуни учествува на Европската олимпијада во Софија. И посакувам успех и на двете олимпијади. Браво Искра и ментор Драга Мишиќ“, објавија од гимназијата во Битола. 
 
Инаку, Искра и пред две години учествуваше на Меѓународната јуниорска олимпијада по природни науки што се одржа во Богота, Колумбија и се врати дома со бронзен медал.
 
Лани Искра освои втора награда, сребрен медал и награда за целосно решена задача, на 6. Балканска олимпијада по физика, Никшиќ, Црна Гора.  (А.Б.)