Германскиот превод на „Пиреј“ на Петре М. Андреевски, е добитник на наградата „Драги“


Жири комисијата во состав: д-р Јана Михајловскад-р Зорица Николовска и Владимир Јанковски одлучи годинешнaта интернационална награда „Драги“ да ја добие Бенјамин Лангер, универзитетски професор и преведувач, за преводот на безвременскиот роман „Пиреј“ од Петре М. Андреевски. Идејата беше поттикната од фактот дека годинава се одбележуваат 90 години од раѓањето на авторот, како и 44 години од објавувањето на неговиот најпознат роман, кој во бравурозно изработен превод на германски јазик го објави престижната издавачка куќа „Гуголц“ од Берлин.

Романот предизвика голема реакција на книжевен план меѓу германската публика. Во една од рецензиите кон делото, авторот Мирко Шваниц забележа: „Овој роман истовремено е временска машина и жив музеј. Петре М. Андреевски го води читателот во првата половина на XX век раскажувајќи огромна семејна епопеја.(…) Јазикот на Андреевски е цврсто вкоренет во руралниот дијалект на родното село, со што романот си обезбеди место во светската литература. Преведувачот Бенјамин Лангер успеа да ја преведе на германски идиосинкратичната и строга убавина на овој јазик толку префинето што веќе може да се смета за кандидат за Лајпцишката книжевна награда.“

Бенјамин Лангер, роден 1976 година во Ерланген, Германија, е длабок познавач на македонскиот јазик и литература. Студирал германистика и историја на уметност во Бамберг и Будимпешта, а од 2005 до 2009 предавал на Катедрата за германски јазик и литература на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Преку преведувачката работа ја приближил македонската книжевност до германската читателска публика, вбројувајќи ги делата на: Гоце Смилевски, Бранко Цветкоски, Дејан Трајкоски, Румена Бужаровска, Влада Урошевиќ, Петре М. Андреевски и др. Во 2022 германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер го поканува како посебен гостин на делегацијата која го придружува на неговото патување во Македонија и Албанија. Во својот говор во македонското собрание, Штајнмајер го цитира токму преводот на „Пиреј“. Во соработка со Германската амбасада во Скопје Бенјамин Лангер ќе биде и професионален учесник на втората фелоушип програма „Објавувајќи ја Европа“ (2nd Publishing Europe Fellowship) во Скопје.

Интернационалната награда „Драги“ за најзначаен превод од македонски на странски јазик ги зема предвид различните параметри при појава на одреден превод во друга културна средина. Пред сè –нивото на преводот, но и актуелноста, рецензиите, влијателноста, поттикнувањето интерес за авторот, препознатливоста, зголемувањето на интеркултурниот дијалог, итн. Со оваа награда втора година по ред се дава сериозен поттик за сите книжевни преведувачи од македонски јазик со голема внимателност да пристапуваат кон преводот на македонската литература и почесто да се решаваат делата на нашите автори да се најдат во понудата на издавачките куќи од Европа и од светот.

Селектиран и вториот круг за наградата за најдобар превод на македонски јазик „Драги“

Освен ова, жири-комисијата за доделувањето на наградата „Драги“ преку тајно гласање во вториот круг на селекција одлучи да влезат 10 преводни дела со изданија објавени од 10 издавачки куќи, во превод на 10 преведувачи и од 6 различни јазици. Делата што влегуваат во вториот круг (подредени по азбучен ред, според првата буква од името на преведувачите):

1.       Анастасија Ѓурчинова за преводот од италијански на „Интимен живот“ од Николо Аманити, издание на Антолог, 2024 година;

2.      Дарко Спасов за преводот од словенечки на „Агни“ од Борут Крашевец, издание на Чудна шума, 2023 година;

3.      Ѓоко Здравески за преводот од хрватски на „Тројца за картал“ од Миљенко Јерговиќ, издание на Бегемот, 2024 година;

4.      Екатерина Бабамова за преводот од англиски на „Градот на победата“ од Салман Ружди, издание на Артконект, 2023 година;

5.      Елисавета Поповска за преводот од француски на „Девојчински спомени“ од Ани Ерно, издание на Илика, 2024 година;

6.      Звонко Димоски за преводот од полски на „За кентаурите“ од Зузана Гинчанка, издание на Ма продукција, 2024 година (доставено во електронски формат);

7.      Ирена Јурчева за преводот од англиски на „Силмарилион“ од Џ. Р. Р. Толкин, изднаие на Паблишер, 2023 година;

8.     Катица Гароска Ацевска за преводот од француски на „Ти си поезија“ од Патрис Павис, издание на Перун артис, 2023 година;

9.      Милан Дамјановски за препевот од англиски на избор песни „Адам Хоровиц“, издание на Струшки вечери на поезијата, 2023 година (доставено во електронски формат);

10.  Томе Сиљаноски за преводот од англиски на „Белешки на еден стар гад“ од Чарлс Буковски, издание на Бегемот, 2023 година;

Годинашното издание на наградата „Драги“ е реализирана од страна на издавачката куќа „Антолог“ со поддршка на Министерството за култура и во соработка со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје. Наградата се состои од плакета и статуетка „Драги“ како и со паричен дел кој ќе изнесува во износ од 30.000 денари.

За наградата првично беа номинирани 43 дела на 40 преведувачи, објавени од 18 издавачки куќи или поединци, за преводи направени од 18 различни јазици и од сите жанровски категории – романи, раскази, книги за деца, поезија, драма.

Наградата за најдобар превод на македонски јазик „Драги“ беше воспоставена во 2022 година, а првото почесно признание му беше доделено на Драги Михајловски (1951 – 2022), македонски писател, преведувач, есеист и универзитетски професор. Освен со прозните дела, Михајловски остави трајна трага во македонската култура со преводите на делата од Шекспир, Милтон, Шели, Китс, Блејк, Елиот, Милтон итн. Објави и неколку студии и есеи од областа на теоријата на преводот, а со своите ставови за преводот влијаеше и на студентите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, каде што беше професор.