Германски експерт: Омикрон можеби се развил кај пациент со ХИВ
Изненадувачки големиот број мутации во новиот вид на корона вирусот омикрон можел да се случи кај еден пациент кој боледувал од имунодефициенција, на пример ХИВ, тврди генералниот секретар на Германското имунолошко друштво, Карстен Вацл.
Вацл вели дека тоа е замисливо и веројатно, бидејќи веќе има истражувања за други случаи кои го докажуваат тоа.
Многу пациенти со ХИВ во Африка, каде што се претпоставува дека „изникнал омикрон“, не се лекуваат на адекватен начин, па нивниот имунолошки систем е значително ослабен, објасни тој за агенцијата ДПА, а пренесуваат германските медиуми.
„Кај луѓето со ослабен имунолошки систем, вирусот може да се размножува со недели, со изолирани мутации, кои не носат никаква корист за вирусот, но можат да продолжат да се размножуваат бидејќи имунолошкиот систем не може да ги контролира“, објасни германскиот експерт.
Според него, на тој начин може да настанат дополнителни мутации кои во комбинација би донеле придобивки за вирусот.
Пратеникот на СПД, здравствениот експерт Карл Лаутербах, во петокот рече дека бројните мутации во Омикрон укажуваат на појава кај пациенти со ХИВ.
Омикрон, во споредба со оригиналниот сој откриен во кинескиот Вухан, содржи невообичаено висока бројка, односно околу 30 промени на аминокиселините само на протеинскиот дел.
Меѓу нив има мутации за кои веќе е познато дека придонесуваат за поголемо ширење.
– Иако веќе ги знаеме ефектите на поединечни мутации од други соеви, не можеме да процениме какви ефекти би можела да има нивната комбинација – вели Вацл.