Германија со забрзано темпо инсталира ветерни електрани


Отворањето на копнените ветерни електрани во Германија е забрзано во првата половина од годината со 331 нова ветерна турбина со вкупен капацитет од околу 1,56 гигавати, објавија денеска индустриските здруженија.

Имајќи ги предвид исклучените ветерни турбини, капацитетите во првата половина од годинава се зголемени за 1,32 гигавати и се за 50 отсто повисоки во однос на истиот период лани.

Поголемиот дел од новите капацитети беа инсталирани во сојузната покраина Шлезвиг-Холштајн, на север, додека во останатиот дел од Германија користењето на енергијата на ветерот продолжува да стагнира, особено на југ, забележува здружението. Меѓу главните пречки, тие продолжуваат да ги издвојуваат долгорочното планирање и добивање дозволи и немањето расположливо земјиште.

<

За да се постигнат владините цели за производство на енергија од обновливи извори до 2030 година, треба да се забрза темпото на транзицијата, велат од Здружението за енергија на ветер и VDMA Power Systems. Минатата година, владата усвои обемни мерки за да го забрза растот на производството на соларна и ветерна енергија.

До крајот на деценијата, Германија има намера да користи обновливи извори на енергија за покривање на 80 отсто од бруто потрошувачката на електрична енергија. Ветерните турбини треба да додадат околу 115 гигавати нов капацитет, што бара годишен пораст од 10 гигавати.

Прелиминарните податоци на заводот за статистика Destatis во јуни покажаа дека производството на електрична енергија во Германија се намалило во првиот квартал, а ветерот тесно го поместил јагленот како главен извор на енергија.

Во првите три месеци од годинава се произведени и ставени во мрежата 132,8 милијарди киловат-часови електрична енергија, за 7,8 отсто помалку од истиот период лани.

Најмногу електрична енергија е произведена во ветерниците, чиј удел во производството се искачи на 32,2 отсто, од 30 отсто на почетокот на 2022 година, открива Destatis. Уделот на јагленот се намали од 31,5 на 30 отсто.

Сепак, најголемиот дел од електричната енергија се произведуваше од конвенционални извори како јаглен, гас и нуклеарна енергија, чие учество во производството изнесуваше 51,4 отсто. Во истиот период лани таа изнесуваше 52,9 отсто.