Германија призна дека направила геноцид во Намибија
Берлин се согласи на на Намибија да ѝ исплати 1,1 милијарди евра за злоделата што ги направи врз луѓето од племињата Хереро и Нама од 1904 до 1908 година
Германија за прв пат ги призна злосторствата во колонијалната ера против народот Хереро и Нама во денешна Намибија како геноцид и се согласи да плати 1,1 милијарда евра помош.
Помеѓу 1904 и 1908 г., германските колонијални трупи убија, мачеа и раселија десетици илјади припадници на народите Хереро и Нама откако племињата се кренаа против колонијалното владеење. Историчарите ги опишаа масакрите како прв геноцид на 20 век, а Германија и Намибија преговараа од 2015 година за договор со кој Берлин ќе се извини и ќе понуди финансиска поддршка. Германија владееше со оваа територија позната како Германска Југозападна Африка од 1884 до 1915 година. За тоа време покрај восјката од Германија се доселиле 2.600 колонизатори.
Од 2015 година, Германија преговараше со намибиската влада за, како што рече, обид за „заздравување на раните“ на историското насилство.
„Нашата цел беше и е да најдеме заеднички пат кон вистинско помирување во спомен на жртвите“, рече во изјавата германскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас. „Тоа вклучува именување на настаните од германската колонијална ера во денешна Намибија, а особено на злосторствата помеѓу 1904 и 1908 година, без еуфемизми.
Сега овие настани официјално ќе ги наречеме како што беа од денешна перспектива: геноцид“.
Во четвртокот, официјални кругови во Берлин ги потврдија извештаите во намибиските медиуми дека по девет рунди преговори двете страни се согласиле на текстот на заедничката декларација и сума од 1,1 милијарди евра, што ќе им се исплаќа одделно на постојните програми за помош над 30 години.
Од вкупната сума, повеќе од милијарда евра ќе бидат наменети за проекти во врска со земјишните реформи, руралната инфраструктура, водоснабдувањето и стручното оспособување. Заедниците на потомците на Хереро и Нама, кои формираат етнички малцинства во сите седум погодени региони, треба да бидат вклучени во развојот на специфичните проекти.
Околу 50 милиони евра ќе бидат наменети за воспоставување основа за помирување меѓу двете држави, вклучително и културни проекти и програми за размена на млади.
Текстот на заедничката декларација ги нарекува злосторствата извршени од германските трупи како „геноцид“, но ги изоставува зборовите „репарации“ или „компензација“ – потег што се должи на страв дека таквиот јазик може да претставува правен преседан за слични барања од други нации.
Портпаролот на претседателот на Намибија, Хаге Геингоб, го опиша признавањето на геноцидот од страна на Германија „како прв чекор“ во вистинската насока. „Тоа е основа вториот чекор, што е извинување, да биде проследен со репарации“, рече портпаролот.
Некои намибиски традиционални водачи, сепак, го критикуваа планираниот договор кога деталите беа пријавени за првпат во четвртокот. Локалниот весник „Нова ера“ објави дека тројца традиционални лидери одбиле да го одобрат договорот, а врховниот шеф на Хереро, Векуии Рукоро, за Ројтерс изјави дека станува збор за „распродажба“. (Според агенциите)