Германците штедливи, две третини од граѓаните ја намалиле потрошувачката на енергија поради војната со Иран


Околу две третини од жителите на Германија свесно ја намалиле потрошувачката на енергија поради растот на цените поврзан со војната со Иран, покажува анкета објавена денеска од порталот за споредба на цени Verivox.

Репрезентативното истражување покажа дека 55 проценти од испитаниците се обидуваат да ги намалат трошоците за греење, додека 52 проценти посветуваат поголемо внимание на потрошувачката на електрична енергија.

Дополнително, 56 проценти изјавиле дека ги исклучуваат електронските уреди наместо да ги оставаат во режим на подготвеност.

Повисоките цени на енергенсите влијаат и врз навиките за транспорт – 48 проценти од анкетираните поретко користат автомобил, 29 проценти почесто возат велосипед, а 24 проценти почесто користат јавен превоз.

Повеќе од една четвртина од испитаниците изјавиле дека не штедат енергија, при што повеќе од половината од нив навеле дека веќе направиле максимални заштеди и не гледаат простор за дополнително намалување на потрошувачката. Во оваа група доминираат постарите лица.

Дополнителни 22 проценти рекле дека можат да си ги дозволат повисоките цени, додека 18 проценти изјавиле дека не сакаат да ги менуваат своите навики.

На подолг рок, 23 проценти навеле дека веќе презеле чекори за откажување од фосилните горива, додека 38 проценти планираат да го сторат тоа. Околу 40 проценти сè уште не презеле никакви мерки.

Најпопуларни се помалите инвестиции, како поставување соларни панели, додека поголемите вложувања – изолација на објекти, модерни системи за греење или електрични автомобили – имаат помала улога.

Анкетата била спроведена онлајн во април од институтот за истражување на пазарот Innofact, меѓу 1.013 лица на возраст од 18 до 79 години.