Генерален штрајк во Белгија против „антисоцијалните мерки“ на Владата


Во организација на Генералната федерација на трудот на Белгија (ФГТБ/АБВВ) и Конфедерацијата на христијанските синдикати (ЦСЦ/АЦВ) денеска во Белгија се одржува генерален штрајк против мерките на белгиската Влада на премиерот Барт де Вевер поврзани со реформи на пензискиот систем и на социјалната заштита, јави дописникот на МИА од Брисел. 

Во штрајкот учествуваат вработени во транспортниот сектор, на аеродромите, во трговијата, образованието, културата, јавните служби и администрација, што доведе до сериозни нарушувања во сообраќајот и парализа на нормалното функционирање на земјата.  

Како што јави РТЛ, организаторите на штрајкот информираа дека тој се одржува како одговор на владините „мерки за социјална регресија“ кои претставуваат „објавување војна против работниот свет“, бидејќи со нив се манифестира „општ недостиг на почит“.  

Генералната конфедерација на либералните синдикати на Белгија (ЦГСЛБ/АЦЛВБ) соопшти дека нема да учествува во штрајкот, но многу нејзини синдикати членки, вклучително и тие во полицијата и трговијата, најави протестни активности.  

Поради штрајкот откажани се сите денешни полетувања од бриселскиот аеродром „Завентем“ и околу 60 проценти од слетувањата, а целосно се во прекин летовите од аеродромот „Шарлероа“.  

Сериозно е нарушен и јавниот превоз ширум Белгија, а белгиската железница СНЦБ најави воведување на „алтернативни услуги“. 

Според ВРТ, не работат и дел од супермаркетите на „Карфур“, „Лидл“, „Алди“ и „Колрајт“, иако компаниите соопштија дека „огромното мнозинство“ од нивните продавници се отворени и функционираат нормално. Трговскиот ланец „Делез“ информира дека нивните супермаркети работат, но има проблеми со дистрибуцијата на одредени стоки. 

Дел од учесниците во штрајкот организираа и протестни собири пред своите фирми или институции или блокади на некои патни правци. 

На една од блокадите во Вервие возач ги пробил барикадите, повредувајќи двајца штрајкувачи. Претставник на синдикатот ЦСЦ/АЦВ, во изјава за ВРТ, овој настан го оцени како „криминален чин“, додавајќи дека му објаснувале на возачот зошто штрајкуваат, но тој „не сакал да слуша“. Синдикалниот претставник изјави и дека полицајци го привеле возачот, но засега нема официјална потврда од полицијата за негово апсење.