(Галерија) Розовата магија на јапонските цреши


Скопје во јуни со години е познато по мирисот на липите, но април, дефинитивно им припаѓа на јапонските цреши.

Овие благородни дрвца кои пленат со своите розови цветови ширум светот, кај нас за прв пат беа засадени пред повеќе од дваесет години на улицата Максим Горки, во центарот на градот, но сега можат да се сретнат насекаде – во Градскиот парк, во населбите, локалните паркови и улици… Во изминатиот период како да постои натпревар во која општина ќе се посадат повеќе вакви дрвца.

 

За јапонската цреша велат дека е симбол на чистотата и на невиноста, како и на плодноста што ја претставува секое овошје.

Цветовите на црешата се симболичен цвет на пролетта, време на обновување и минливата природа на животот. Нивниот живот е многу краток. Откако нивната убавина ќе достигне врв околу две недели, цветовите почнуваат да паѓаат. Во текот на сезоната во Јапонија, луѓето сакаат да прават забави со црешови цветови со колегите, пријателите и семејството.

Во многу места во светот се организираат и фестивали посветени на ова прекрасно растение кои траат по неколку недели.

Националниот цвет на Јапонија, цветот на црешата – или Сакура, претставува време на обновување и оптимизам.

Обично, јапонската цреша цути кон крајот на март или почетокот на април.

Цутот на јапонските цреши кој деновиве е интензивен создава бајковита атмосфера низ градските улици и паркови низ Скопје.

(Фото: Б. Грданоски)