(Галерија) Кој ќе им плати на оштетените откако 34 автомобили во Ново Лисиче завршија со дупнати гуми?


Двата автомобила на едно семејство од Ново Лисиче вчераутро осамнаа со сите дупнати гуми, па сопругот и сопругата денеска на работа мораа да одат со јавен превоз односно со такси.

„На двете коли дупнати се сите гуми. На сосетката две се дупнати, две не. Штетата е голема. На едниот автомобил поевтини се гумите, но на другиот една гума е 10.000 денари“, вели оштетена која во неделата утрото се врткаше околу својот автомобил и се чудеше кој бил толку гневен, па направил таква штета на 34 автомобили на паркингот спроти црквата „Св. Јован“ во Аеродром.

„Дупнати ми се гумите на автомобилот. Сите четири. И мајка ми беше паркирана до мене, но реши да ја препаркира кај неа пред зграда, 50-тина метри подолу, па нејзиниот автомобил, за среќа е нечепнат“, додава друга жена чиј автомобил заврши на бандаши.

Вкупна штета од 11.000 евра

Како што соопшти полицијата, во неделата година во СВР Скопје е пријавено дека во периодот од 23 часот на 27.12.2025 до 9 часот на 28.12.2025 на паркинг простор на бул „АСНОМ” е извршено оштеување на 34 патнички возила.


Увид извршила екипа од СВР Скопје, известен е јавен обвинител и се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување на случајот.

Според првичните проценки се работи за проценета вкупна штета од 11.000 евра.

До паркингот има вулканизер

Овој акт на вандализам, гнев, бес или нешто друго, што треба да се истражи дополнително повлекува други проблеми за оштетените.

Тие треба да ги залепат или потполно да ги сменат гумите ако не може да се санира штетата. Покрај трошоците, тие треба да организираат автомобилот да го однесат до вулканизер или евентуално да дојде мајстор до паркингот, па тука да ја поправи штетата ако може.

„Веднаш до паркингот имаме работилница, вулканизер, па на дел од соседите им ги напумпаа гумите тука и ги возеа колите до работилницата. Но, дел од нив не можат да го направат тоа, затоа што дупката е преголема. Не знам што ќе прават. Можеби ќе ги стават на столпчиња, ќе ги извадат и ќе ги тркалаат до вулканизер“, вели друг оштетен, кој проблемот со овој паркинг го гледа во тоа што таму има паркирани возила кои не се на жителите на околните згради.

Дали зонско е решение?

Паркингот каде беше направена ваква штета е дел од населба за домување. Во околината нема трговски центри, амбуланти или други продавници.

„Се прави метеж. Има многу странични возила. Зборувам за жители на Аеродром, што си имаат службени возила од фирмите кај што работат, и за истите мислам дека треба да плаќаат 1.700 денари месечно да ги паркираат на своите паркинзи дома во Аеродром, ама тие одлучуваат да не плаќаат, и паркираат кај нас“, додава тој, а укажува и на паркирани комбиња, хаварисани возила, како и „приватни автоплацеви“.

Смета дека треба поскоро да се воведе зонско паркирање, со што би се направил некаков ред.

Испративме прашања до Општина Аеродром за воведувањето зонско паркирање во Ново Лисиче, кое требаше да почне од септември годинава, што до ден денска не е воспоставено, но до објавување на текстот не добивме одговор.

Имаат ли право на отштета?

Според македонските закони, право на отштета во ваков случај имаат само ако автомобилите се каско осигурени. Исто така, отштета може да барат ако се најде сторителот, а делото биде окарактеризирано како вандализам, што претставува кривично дело. 

Доколку го имаат основното осигурување на автомобили, тогаш штетата ќе треба сами да си ја покријат.