Фронтекс: Намален бројот на илегални премини во ЕУ во првото тромесечје од годинава


Бројот на детектирани илегални премини на границите во Европската унија се намали за седум проценти во првиот квартал од 2021 година, најмногу поради големото намалување на бројот на преминувања на источната медитеранска рута, соопшти Европската агенција за гранична и крајбрежна стража – Фронтекс.

Според првичните податоци, во првиот квартал на 2021 година се евидентирани околу 24.000 илегални минувања, се наведува во соопштението на Фронтекс.

Илегалните премини на источната медитеранска рута забележаа пад за повеќе од 70 проценти, во споредба со првиот квартал од 2020 година, а сега се евидентирани над 3.300 премини.

Бројот на премини на западно-медитеранската рута, исто така, се намали за 12 процента.

Бројот на мигранти кои се обидуваат илегално да влезат во Европската унија остана приближно стабилен на рутата Западен Балкан, каде што се евидентирани близу 6.000 премини.

Сепак, бројот на регистрирани премини е двојно зголемен на средномедитеранската рута (близу 8.500 во првиот квартал) и на шпанските Канарски Острови (3.300).