Фридом хаус: Пропагандата на социјалните медиуми фунционира подобро од цензурата


Слободата на интернет е загрозена од дигиталниот авторитаризам проникнат низ целиот свет, додека репресивните режими, политичари и партиски активисти со автократски тенденции ги користат социјалните медиуми за контрола врз граѓаните и дисторзија на политичките процеси, се вели во најновиот извештај на „Фридом хаус“ за слободата на интернетот.

Како резултат на ваквата ситуација, извештајот забележува дека ова е девета година по ред како има пад на слободата на светската интернет мрежа.

-Многу влади веруваат дека пропагандата на социјалните медиуми функционира подобро од цензурата, вели Мајк Абрамовиц, претседател на „Фридом хаус“.

Тоа што еднаш беше либерална технологија стана средство за спроведување надзор и изборна манипулација, се вели во извештајот.

Меѓу главните забелешки се наведуваат дека од јуни 2018 година, 33 од 65 држави забележале опаѓање на слободата на интернетот, најмногу во Судан и Казакстан, додека 16 држави бележат подобрување на ситуацијата, од кои Етиопија со најголем напредок.

Извештајот нотира напад врз слободата на изразување, односно во 47 од 65 оценети држави имало апсење на корисници поради политичко, социјално и верско изразување.

„Фридом хаус“ дознава дедека интернет слободата во САД е во опаѓање.

-Американските закони и имиграциските служби вршеле зголемен мониторинг на социјалните медиуми, а во некои случаи и врз заштитени активисти, како мирни демонстранти, се наведува во извештајот.

Четврта година по ред, Кина се наведува како светски најголем цензор на слободата на интернетот, а дигиталните платформи се наведени како ново поле за демократска битка.

Според извештајот, во најмалку 40 од 65 држави, властите вовеле напредни мониторинг програми на социјалните медиуми за да ги следат корисниците. Додека само во 16 земји има напредок во слободата на интернетот, иако прогресот бил маргинален.

Се повеќе влади отвораат лажни профили за да вршат манипулација на социјалните медиуми, наведувајќи примери во 38 од 65 држави, каде политички лидери вработуваат лица за да вршат онлајн притисок врз политички опоненти.

Извештајот потенцира дека повеќе демократски влади го следат однесувањето на нивните граѓани онлајн, за да ги пресретнат заканите, а во некои случаи и за замолчување на опозицијата.