Француското издание на „Јас, на некое друго место“ на македонската драмска авторка Ана Ристоска Трпеноска


На 4 јуни во Париз, во издание на издавачката куќа „Парлатгес“, ќе излезе од печат книгата „Јас, на некое друго место“ од македонската драмска авторка Ана Ристоска Трпеноска, на француски јазик, во превод на Фроса Пејоска Бушеро. Македонското издание на драмата е на Перун Артис Битола. 

„Јас, на некое друго место“ е наградена со европската награда на Еуродрам во 2022 година, сценски претставена на театарски шоукејс во Тирана, и премиерно изведена во Народниот театар во Штип во 2024 година. 

Предговорот на книгата го напиша еден од највлијателните современи британски драматичари, Марк Рејвенхил.

– Сите ние сме некаде на друго место. Сите ние сме туѓинци еден на друг, оттуѓени од самите себе. Тоа е светот, нашиот свет, во кој се одвива извонредната нова драма на Ана Ристоска Трпеноска. Ситуацијата е едноставна. Граѓанско семејство, собир за прослава на роденден. Гостите пристигнуваат, се пие, се танцува, има малку флерт, малку дожд, слики создадени за социјалните мрежи. Но под секој настан тече длабока река на болка и отуѓеност. Пишувањето на Трпеноска е минимално, прецизно, фокусирано. Додека ја следиме драмата таа нè прашува: дали е возможен поцелосен, поавтентичен живот?… Драмата можеби сугерира дека нашето чувство дека не сме целосно реални, дека минуваме низ нашите животи како набљудувачи, постојано очекувајќи повеќе – некои од нас го доживуваат поболно од други. „Јас, на некое друго место“ не е трагедија. Во настаните не постои неизбежен импулс кој не дозволува поинаков исход. Во театарот, во изведбата на оваа драма, ние имаме можност…да слушаме, да сфатиме, да се промениме себеси и нашиот свет. Трагедијата може да се избегне. И тој процес започнува со меѓусебно слушање, вели Рејвенхил за творештвото на Трпеноска. 

Ана Ристоска Трпеноска е драмска авторка од поновата генерација македонски драматичари, и една од најпоставуваните авторки од регионот, чии драми освен на македонските сцени, се играат на меѓународните театарски сцени во театри во Германија, Австрија, Грција, Албанија и Косово. Двапати е наградена од европската мрежа за драма и превод Еуродрам, избрана е од театарското биенале во Визбаден, Германија како авторка во подем, а за својот текст „5:17“ доби меѓународно признание за иновативно пишување на Форумот за драма во Атина. Трпеноска минатата година ја доби наградата за најдобар текст на националниот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ Прилеп за драмата „Парови“, во продукција на Драмски театар Скопје. 

Француското издание на „Јас, на некое друго место“ е достапно во сите главни книжарници во Париз. Македонската промоција се очекува наесен во Францускиот културен центар во Скопје.