Франција и Македонија потпишаа договор за соработка во одбраната

Министерката за одбрана Славјанка Петровска и францускиот министер за вооружени сили Себастијан Лекорну денеска во Париз по одржувањето на официјалната средба, го потпишаа Договорот за соработка во областа на одбраната. Тој е прв од ваков вид меѓу двете земји и следува по потпишувањето на договорот за набавка на воена опрема од француско производство. На средбата стана збор за соработката меѓу двете министерства и за состојбите во нашата земја и во регионот.
Договорот предвидува плодна билатерална соработка во повеќе области како меѓусебна поддршка и развој на стратегиската одбранбена политика, организација и функционирање на силите, учество во меѓународни операции, воени вежби и тренинзи, воена едукација и друго.
„Одбранбената соработка помеѓу Северна Македонија и Франција е во фаза на силен развој и во овој момент го доживува максимумот. Договорот ќе даде дополнителен инпут кон досегашната соработка во полето на воената обука и едукација на кадри од Армијата на престижните француски воени школи, како и можности за заеднички развој на способностите и вештините на припадниците на вооружените сили и развојот на интероперабилноста на армискиот полигон Криволак“, рече министерката Петровска на состанокот со Лекорну.
Во разговорите министерката Петровска ја потенцираше важноста од интензивирањето на интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ, како инвестиција во безбедноста и сигурноста на регионот, но и на Европа.
„За Франција, релацијата со Северна Македонија е централна точка за односот со Западен Балкан, а особено го цениме придонесот што вашата земја го дава во НАТО и за ЕУ“, нагласи министерот Лекорну на средбата.
За време на работната посета на Франција, министерката Петровска ќе оствари средба и со директорот на Институтот за високи студии за национална одбрана на Франција, генералот Беноа Дуре, а се предвидува и средба со претставници на француската компанија МБДИ, како и со нашите претставници од дијаспората.