Фотографска изложба, концерт на хорот „Фрида од Македонија“ и претстава на Турски театар на програмата на „Скопско лето“


На програмата на Скопско лето вечер во КИЦ ќе биде отворена фотографска изложба насловена „Мали нешта“ на Анне-Мет С. Сомер од Данска, авторка зад Kelter Photography, во Сули ан во 20:30 часот ќе се одржи концерт насловен „Песната е лек“ на Женскиот хор „Фрида од Македонија“, под диригентската палка на Сузана Турунџиева, а на сцената на НУ Турски театар со почеток во 20:30 часот ќе биде одиграна театарската претстава „Женидба“, според мотиви од Николај В. Гогољ во режија и кореографија на Кренаре Невзати-Кери. 

Во Културно информативниот центар – Скопје со почеток во 19:00 часот ќе биде отворена фотографска изложба насловена „Мали нешта“ на Анне-Мет С. Сомер од Данска, авторка зад Kelter Photography, а настанот е во соработка со фестивалот „Зрно“.

Изложбата претставува избор на дела што го следат нејзиниот уметнички развој – од серијата „Течни фустани“, создадена со техниката на полароид емулзиски лифт, до понови истражувања како Polaroid Decay, film soup техники, интервенции со алкохолни мастила и експериментални емулзиски лифтови.

Серијата „Течни фустани“ настанала од случајна грешка за време на работилница во Копенхаген во 2018 година, кога еден емулзиски лифт се деформирал при трансфер и добил форма налик на фустан. Наместо да го отфрли, авторката ја прифатила случајноста како творечки принцип. Денес серијата брои 311 оригинални нумерирани дела и е изложувана во Норвешка, Данска, Германија, Швајцарија, Ирска и САД.

Покрај оваа серија, посетителите ќе имаат можност да видат и колекција од Polaroid Decays, емулзиски лифтови и полароиди обработени со алкохолни мастила и други интервенции. Низ овие дела фотографијата се трансформира од документарна слика во простор за истражување на сеќавањето, кревкоста, емоцијата и убавината на несовршеното.

Анне-Мет С. Сомер е членка на The 1212 Project, ирскиот уметнички колектив Interface Inagh и германскиот полароид колектив PolaPeopleFestival, а нејзината работа е претставувана и од Oscar Studio Gallery во Осло.

Во Сули ан, со почеток во 20:30 часот ќе се одржи концерт насловен „Песната е лек“ на Женскиот хор „Фрида од Македонија“, под диригентската палка на Сузана Турунџиева.

Концертот „Песната е лек“ на Аматерскиот женски хор „Фрида од Македонија“ носи вечер исполнета со емоција и заедништво. Преку хорски обработки на познати балади, филмска музика и популарни мелодии, хорот ја открива моќта на музиката како простор за поврзување, инспирација и внатрешна сила.

На сцената на НУ Турски театар со почеток во 20:30 часот ќе се одигра театарската претстава „Женидба“, според мотиви од Николај В. Гогољ, а во режија и кореографија на Кренаре Невзати-Кери. Улогите ги толкуваат актерите Сузан Акбелге, Селпин Керим, Џенап Самет, Неат Али, Слаѓана Вујошевиќ, Емине Халил, Јеткин Сезаир, Хакан Даци. 

Овој проект е реализиран со поддршка на Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија, а е во продукција НУ Турски Театар Скопје, 2025.