(Фото) Заев и Бочварски го сефтосаа новиот пат Штип-Радовиш


Премиерот Зоран Заев и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, денеска го пуштија во употреба експресниот пат Штип-Радовиш, прва фаза, кој е комплетно завршен со должина од 23,56 километри од клучката Штип-југ до Бучим, а потоа и ја „сефтосаа“ оваа современа патна делница.
„Изградбата на експресниот пат Штип-Радовиш има исклучително влијание врз развојот на економијата во овие три региони Штип, Радовиш и Струмица и придонесува за рамномерниот регионален развој, побрз транспорт на стоки, на услуги како и на луѓе. Експресниот пат, Штип-Радовиш се надоврзува на автопатот Миладиновци-Штип и благодарение на тоа граѓаните на југоисточниот дел на нашата земја за многу пократко време ќе патуваат и пристигнуваат до главниот град, Скопје. Времето за патување возејќи прописно и безбедно – двојно се скратува“, подвлече Заев. 

Министерот Бочварски рече дека експресниот пат Штип-Радовиш е од огромно значење и за економскиот развој на регионот ако се има во предвид дека овде работат околу 12 илјади мали и средни претпријатија.

„Интензивно работиме и на изградба на втората фаза од овој експресен пат делниците од клучка Три чешми до Штип-Југ како и делница од Бучим до Радовиш. Очекуваме оваа делница комплетно да биде завршена средината на следната година“, рече Бочварски.
На настанот свои обраќања имаа и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми, како и претставникот на Европската банка за Северна Македонија, Андри Аранитаси.