(Фото, видео) „Епл“ со четири нови модели на „Ајфон“ и 5Г го напаѓа пазарот на паметни телефони
На денешната виртуелна конференција, „Епл“ претстави четири нови модели на „Ајфон“ со дијагонали на екранот од 5,4 до дури 6,7 инчи и со цени од 699 до над илјада долари.
И покрај пандемијата со КОВИД-19 и глобалната економска криза, по денешното претставување на четири нови модели на „Ајфон“ (iPhone), „Епл“ (Apple) со многу оптимизам ќе го очекува почетокот на продажбата на своите телефони. Додека на почетокот претставуваа само еден модел на iPhone, сега тој број се зголеми на дури четири модели (покрај постојниот iPhone SE) – iPhone 12 и 12 мини и iPhone Pro и Pro Max.
Заедничко за сите модели е тоа што тие го имаат најновиот хардвер на Apple (чипсет A14 Bionic), OLED екрани и поддршка за 5G. „Епл“ стави посебен акцент на 5G, големи брзини и мала латентност обезбедена од новата генерација мобилна мрежа. Интересно, доаѓа со посебен режим „паметни податоци“ кој, за да ја штеди батеријата, комбинира користење на 4G и 5G, што се користи само кога тоа го бараат апликациите.
Иако, се разбира, ниту еден модел не е евтин, сепак не мора да се издвојат илјада долари за нов iPhone, со оглед дека почетната цена на најевтиниот модел е 699 долари, што треба да биде прифатливо за љубителите на компанијатаа. За таа цена е достапен iPhone mini (прв пат Apple го користи мини во името на своите телефони) кој доаѓа со 5,4-инчен екран, а е достапен во модели со 64, 128 и 256 GB простор за складирање. Во споредба со iPhone 8, кој има 4,7 инчен екран, 12 мини има поголем екран, но е за 11 отсто потенок, 15 проценти помал и 16 проценти полесен.
Се напојува од „најбрзиот процесор на светот“ A14 Bionic, има одлична графика и две камери со резолуција од 12MP (едната е ултра-широка) со која фотографирањето во услови на слаба осветленост е уште подобро во споредба со iPhone 11. Треба да се спомене и т.н. керамички штит, односно дополнителна заштита благодарение на што екранот е многу поиздржлив.
Разликата помеѓу мини и обичен iPhone 12 е во големината на екранот (моделот 12 има 6,1 инчен екран) и, се разбира, во ценаа бидејќи „дванаеската“ е поскапа за сто долари. Моделот 12 ќе биде достапен за претходна нарачка од 13 октомври, а за купување од 23 октомври.
iPhone 12 Pro и Pro Max
IPhone 12 Pro ја има истата дијагонала на екранот и ќе може да се нарачува и да се купува на истите датуми како и iPhone 12. Ќе биде достапен во верзии со 128, 256 и 512 GB меморија, а почетната цена ќе изнесува 999 американски долари. Во споредба со „обичната“ дванаеска, моделите 12 Pro и Pro Max (кои имаат дијагонала на екранот од 6,7 инчи) имаат 3 задни камери (сите три имаат резолуција од 12MP) – широк агол, ултра широк и телефото камера со 4X оптички зум. Исто така, Pro моделите имаат LiDAR лоциран покрај камерите и мери колку време му е потребно на светлото да се стигне до објектот и назад, така што „iPhone го разбира светот околу него“, овозможува скенирање на просторот и користење AR објекти. Се користи и за авто фокус, може побрзо да идентификува предмети и да го скрати времето на фокус до 6 пати, а исто така се користи за фотографирање и за видеоматеријали.
За време на презентацијата, Apple особено го потенцираше квалитетот на камерите и фотографските и видео можностите што носат „искуство што не е можно на класичните фотоапарати“. Моделот 12 Max Pro ќе чини 1099 долари, а како и iPhone 12 mini ќе може да се нарача предвреме на 6 ноември, додека во продажба ќе се појави на 13 ноември.
Покрај телефоните, беа претставени и HomePod mini, паметен звучник со помали димензии и цена од 99 долари и MagSafe, интелигентен магнетски систем за безжично полнење и поврзување со други додатоци, а ќе биде достапна и верзија за истовремено полнење на iPhone и на Apple Watch. (Zimo.dnevnik.hr)