(Фото) Продажен простор од 1.200 м2 и 57 паркинг места: „Лидл“ започна со изградба на маркет во Општина Аеродром

Лидл официјално ја започна изградбата на својот најнов маркет во општина Аеродром, којшто ќе биде со модерна архитектура и одржливи технологии. Новиот малопродажен објект ќе се протега на површина од 3.438 квадратни метри, со продажен простор од 1.200 квадратни метри, а за дополнителна погодност на потрошувачите, локацијата ќе има и 57 паркинг места. Ова е уште еден клучен чекор во планот за проширување на компанијата и нејзината мисија да ги направи висококвалитетните производи подостапни за потрошувачите во Северна Македонија.
Официјалниот почеток на изградбата со поставување на камен-темелникот се одржа во присуство на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски, заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, в.д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески и извршната претставничка на Лидл, Милена Драгијска-Денчева.
Премиерот Христијан Мицкоски го поздрави присуството на Лидл во Аеродром и изјави дека овој проект не е само почеток на изградба на еден обичен објект, туку почеток на едно ново поглавје во малопродажбата со нови стандарди, поголема конкуренција и со подобри услови за граѓаните. Тој нагласи дека особено е горд на фактот што компанијата прифатила да ја зголеми застапеноста на домашното производство и на македонските производи на полиците на Лидл.
„Тоа е од исклучителна важност, затоа што со тоа не само што се одржува локалната економија, туку се гради доверба кај потрошувачите дека македонското е најдобро. Дополнително, македонски производи се наоѓаат на полиците на Лидл во околните земји. Во 2024 година извозот беше околу 5 милиони евра, а очекуваме оваа година, во неформален разговор со претставниците на Лидл, таа бројка да достигне и до 10 милиони евра и со време да расте. Тоа треба да биде инспирација и мотив за македонските претприемачи да ги задоволат стандардите на Лидл и да произведуваат според стандардите на Лидл“, рече Мицкоски.
Извршната претставничка на Лидл, Милена Драгијска-Денчева, изјави дека инвестицијата на Лидл низ целата земја е со долгорочен план за работа на македонскиот пазар и ја одразува посветеноста на компанијата кон раст и иновации. Нашите инвестиции на локално ниво претставуваат можност за наш придонес и поврзување со локалните заедници.
„Кога градиме нови маркети, ги следиме меѓународните професионални стандарди, а воедно соработуваме со локални компании, директно придонесувајќи кон домашната економија. Наскоро ќе ги отвориме вратите за жителите на Аеродром и на целата земја. Искрено се надевам дека со нашата работа ќе ја заслужиме вашата доверба и дека македонските граѓани ќе го изберат Лидл како претпочитана дестинација за секојдневно пазарење“ истакна Драгијска-Денчева.
Инвестицискиот план на Лидл во Северна Македонија вклучува изградба на регионален логистички центар во Речица, Куманово и маркети на повеќе локации низ целата земја.
Компанијата Лидл е дел од групацијата Шварц со седиште во Некарсулм, Германија, и е еден од водечките трговци со храна во Германија и Европа. Лидл моментално управува со околу 12 600 маркети и повеќе од 230 дистрибутивни и логистички центри во 31 земја и вработува над 382 400 луѓе.