Формиран совет за унапредување на високото образование и стратешки истражувања на Стопанската комора
Со одлука на Управниот одбор на Стопанската комора на Република Северна Македонија формиран е Совет за унапредување на високото образование и стратешки истражувања на Комората на чие чело на предлог на претседателот на Комората Бранко Азевски за Претседател е избран универзитетскиот професор Марјан Ѓуровски од Универзитетот „Св.Кирил и Методиј„-Скопје.
За членови на Советот се избрани: проф. д-р Игор Неделковски, Ректор на Универзитетот „Св.Климент Охридски„-Битола, проф.д-р Дејан Мираковски, Ректор на Универзитот „Гоце Делчев„-Штип, проф. д-р Мијалче Санта, Декан на Економски факултет при УКИМ Скопје, проф. д-р Веланд Рамадани, Проректор на Универзитет на ЈИЕ Скопје, проф. д-р Јасминка Талевска Бунеска, Универзитет „Св.Климент Охридски“-Битола, проф. д-р Брикенд Азири, Декан на Економски факултет на Државниот универзитет во Тетово, проф. д-р Дарко Данев, Машински факултет при УКИМ Скопје, доц. д-р Бујамин Бела, Проректор на Универзитет „Мајка Тереза“-Скопје, д-р Ристо Јаневски, ОКТА АД Скопје, Василка Салевска – „Филип Морис“, Скопје, Никица М. Блажевска, Македонија 2025, Марина Бадаревска – „Фламинго“ Гевгелија, Николче Мариновски, „Кули“, Прилеп.
Првата активност на Советот ќе биде во петок 5.6.2026 година кога ќе се одржи конференција на тема „Од диплома до компетенции: новата улога на универзитетите преку поврзување на академијата и економијата„
Во услови на динамични економски и технолошки промени, потребата од силна, функционална и стратешка поврзаност помеѓу високото образование и бизнис заедницата станува суштинска за одржливиот развој на економијата. Во таа насока, Советот за унапредување на високото образование и стратешки истражувања има за цел да воспостави системски пристап кон интеграција на академскиот и реалниот сектор, преку креирање политики, иницијативи и активности кои ќе овозможат создавање на конкурентен, стручен и применлив кадар, нагласува универзитескиот професор Ѓуровски, претседател на Советот.
Усогласување на студиските програмисо потребите на стопанството
Неговата мисија е да развие одржлива платформа за соработка помеѓу универзитетите и бизнис заедницата, преку унапредување на квалитетот на образованието, поттикнување на применети истражувања и развој на вештини кои одговараат на реалните потреби на пазарот на труд. Покрај тоа визијата на новиот Совет за унапредување на високото образование и стратешки истражувања е создавање интегриран екосистем во кој образовните институции и компаниите заеднички придонесуваат кон економски раст, иновации и зголемена конкурентност, во согласност со европските стандарди и трендови.
Во рамки на своето делување, според професорот Ѓуровски, се поставени неколку клучни стратешки цели: усогласување на студиските програми со потребите на стопанството, зголемување на вработливоста на младите, поттикнување на заеднички истражувачки активности, развој на практични и применливи вештини, како и јакнење на иновацискиот капацитет на економијата. Дополнително, Советот ќе придонесе кон подобрување на дијалогот помеѓу институциите, академијата и приватниот сектор, со цел креирање на политики базирани на податоци и реалните потреби.
Изразувајќи благодарност за предлогот од претседателот на Комората Бранко Азевски за укажаната чест и обврска, како и изборот од страна на УО, д-р Ѓуровски нагласува дека дека клучните задачи на Советот опфаќаат анализа на јазот помеѓу понудата на кадар и побарувачката на пазарот на труд, иницирање на реформи во наставните програми, воспоставување механизми за практична настава и стажирање, како и поддршка на заеднички истражувачки и развојни проекти. Советот ќе има и советодавна улога во процесот на креирање образовни и економски политики, со фокус на долгорочен развој.
Национална платформа за интеракција помеѓу универзитети и компаниите
Како оперативен инструмент за реализација на овие цели, се предлага воспоставување на национална платформа за соработка под назив „EDU-BIZ CONNECT MK“. Оваа платформа ќе функционира како централизирана рамка која ќе овозможи континуирана интеракција помеѓу универзитетите, компаниите, студентите и институциите. Таа ќе комбинира дигитални алатки и физички активности со цел создавање функционален мост помеѓу образованието и економијата.
Платформата ќе се заснова на неколку програмски столбови. Првиот столб се однесува на академско-бизнис ко-креирање, преку кое ќе се овозможи заедничко дизајнирање на наставните програми, вклучување на експерти од индустријата во наставниот процес и формирање на советодавни тела со претставници од бизнис секторот.
Вториот столб е практичната настава и дуалното образование, со воспоставување национален систем за практикантство и интеграција на работното искуство како задолжителен дел од студиите.
Третиот столб опфаќа истражување и иновации, со фокус на развој на заеднички проекти помеѓу универзитетите и компаниите, поддршка на применети истражувања и создавање индустриски лаборатории.
Четвртиот столб е насочен кон вработување и управување со таленти, преку креирање платформи за поврзување на студентите со работодавачите, организирање на кариерни настани и поддршка на млади таленти.
Петтиот столб се однесува на доживотно учење, со развој на програми за преквалификација и доусовршување, како и креирање сертификати во соработка со бизнис секторот.
Шестиот столб е поврзан со политики и аналитика, преку изработка на редовни анализи за потребите на пазарот на труд, идентификација на дефицитарни вештини и давање препораки за унапредување на образовните политики.
За ефективна имплементација, платформата ќе користи конкретни алатки како што се дигитални системи за поврзување на студенти и компании, секторски совети за вештини по индустрии, иновациски центри, централизирани портали за практикантство и организирање на годишни форуми за дијалог помеѓу образованието и бизнисот.
Намалување на јазот помеѓу високот образование и пазарот на труд
Очекуваните резултати од воспоставувањето на Советот и платформата се намалување на јазот помеѓу образованието и пазарот на труд, зголемување на вработливоста на младите, поголем број на применети истражувања, подобрен квалитет на високото образование и зголемена конкурентност на домашната економија.
Со ова иницијатива и делување, Стопанската комора на Република Северна Македонија ја потврдува својата стратешка определба за активно вклучување во креирањето на политики и решенија кои ќе обезбедат синергија помеѓу образованието и бизнис секторот, во интерес на долгорочниот економски и општествен развој, се вели во дописот до медиумите.