Фондот за инвестиици за обнова на Украина ќе биде регистриран во САД

Украинско-американскиот инвестициски фонд за обнова ќе биде регистриран во Соединетите Американски Држави, но тековната сметка за плаќање придонеси ќе биде отворена во Украина во националната валута гривна, изјави денеска украинскиот премиер Денис Шмихал.
„Постои договор Фондот да биде регистриран во Соединетите Американски Држави, но ќе работи во Украина, а главната сметка на која Украина ќе го префрли придонесот ќе биде отворена во Украина во гривни. Ова е важна точка“, рече тој како одговор на пратеничките прашања во Врховната Рада, пренесува украински Интерфакс.
Тој истакна дека договор за минерали со САД е неодреден, но дека страните можат да го раскинат со меѓусебна согласност по 10 години.
„Би сакале овој договор да функционира повеќе од една деценија, бидејќи за нас тоа е фонд со приватен капитал, добра алатка за инвестирање“, додаде премиерот на Украина.
Тој исто така истакна дека договорот ја опфаќа целата суверена територија на Украина, а ексклузивниот список на подземни ресурси ќе биде пропишан во анексот на договорот.
Соединетите Американски Држави и Украина завчера потпишаа договор за основање на Украинско-американскиот инвестициски фонд за обнова.
По ратификацијата, ќе започне отворањето на самиот фонд меѓу Американската корпорација за финансирање на развојот и Украинската агенција за јавно-приватни партнерства, која работи во рамките на Министерството за економија.