Фон дер Лајен ги отфрла заканите на Трамп за зголемување на царините за автомобили од ЕУ


Фото. Б. Грданоски

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ги отфрли заканите на американскиот претседател Доналд Трамп за зголемување на царините за европски автомобили, предупредувајќи го Вашингтон да се држи до трговскиот договор постигнат со Брисел.

За прв пат откако Трамп во петокот објави дека ќе воведе царини од 25 проценти за автомобили произведени во ЕУ, Фон дер Лајен изјави дека „договор си е договор“, објави вчера Политико.

„Договор си е договор. Имаме договор, а суштината на тој договор е просперитет, заеднички правила и сигурност“, изјави Фон дер Лајен на прес-конференција за време на самитот ЕУ-Ерменија што се одржа во Ереван.

Претседателката на Европската комисија додаде дека „САД имаат обврска“ и рече дека „ЕУ е подготвена за секакво сценарио“.

Најновите закани за царини на Трамп претставуваат остра ескалација на веќе напнатите трговски односи меѓу Вашингтон и Брисел.

На прес-конференцијата во Ереван вчера, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, изјави дека лидерите на ЕУ „целосно го поддржуваат одговорот на ЕК на најновата трговска закана на Трамп“.

Францускиот претседател Емануел Макрон јасно ја истакна таа поддршка на посебна прес-конференција во Ереван со ерменскиот премиер Никол Пашинјан.

„Договорите се потпишани и мора да се почитуваат бидејќи ако бидат доведени во прашање, сè ќе биде повторно отворено. „Ако на некоја земја ѝ се закануваат нови тарифи, ЕУ има механизми да одговори и треба да ги користи бидејќи за тоа се наменети“, рече Макрон, додавајќи дека блиските сојузници како Брисел и Вашингтон „имаат многу подобри работи да прават отколку да упатуваат закани што водат до дестабилизација“.

По шокантната најава на Трамп, ЕК првично избегнуваше директна конфронтација со Белата куќа, велејќи само дека ЕУ ќе ги држи сите опции отворени.